Место возила во подземните паркинзи на ТЦ „Антико“ паркирано ѓубре

427

Овој проблем често се случува на оваа локација и по чистењето за брзо време гаражните места повторно се полнат со отпад, реагираат општинските власти. Тие велат дека виновни за оваа нехигиена се самите граѓани или, пак, несовесни граѓани од околните пооддалечени згради кои отпадот го фрлаат на ова место и информираат дека нивните одговорни лица за животна средина, во брзо време ќе се сретнат со одговорните лица, односно со Заедницата на станари на оваа зграда, надевајќи се дека состанокот кој се планира да се оствари ќе изнуди конечно решение за решавање на овој проблем, бидејќи, како што велат, голем број од станарите кои се засегнати со него, често се обраќаат и бараат помош

 

Подземните паркинзи во ТЦ „Антико“ во скопската населба Карпош 4 повторно се преполни со ѓубре, дури и повеќе, иако пролетва весникот „Вечер“ веќе еднаш пишуваше за несовесното однесување на околните станари и дуќанџии и реагираше до Општина Карпош.

Мијалници, картонски кутии, покуќнина, водоводни и канализациони цевки, па дури и комунален смет може да се најде во подрумскиот дел на ТЦ „Антико“. Наместо гаражи каде што околните станари треба да си ги паркираат своите автомобили, просторот е претворен во повеќе мини депонии.

Во разговор со блиските дуќанџии и станари ни беше кажано дека тоа е дело на самите станари кои живеат во околните  згради.

-За ова се виновни граѓаните од околните згради. Тие го фрлаат овде ѓубрето, наместо во контејнер. Ова се нивни гаражи кои си ги платиле заедно со становите. Општина Карпош два пати чистеше, но, еве, повторно е преполно со смет – вели вработен од пилјарата „Дени и Даре“, веднаш до гаражите.

Тој додаде дека околните дуќанџии дури и плаќале жена за да чисти, но и таа не може да постигне.

Две сопственички на дуќани исто така се жалат од несовесноста на околните станари.

– И сама понекогаш чистам, но не вреди. Доставувавме и барање до Општина Карпош да се преземат мерки, но повторно се случува истото. Имаме еден сосед кој во мало камионче товара картони и друг смет од маркетите и го истура во гаражите. Исто така, бев сведок кога пред мене една млада жена која носеше кесе со смет го испушти одејќи. Кога изреагирав зошто го фрла овде кесето, таа се правдаше дека, божем, ѝ се испуштило – раскажуваат сопственички на дуќани кои и живеат во околните згради, но не сакаа да го откријат идентитетот.

Од Општина Карпош одговорија дека на неколку наврати, ТЦ „Антико“ бил исчистен од страна на нивните комуналните работници.

Иако тоа не е наша обврска, туку на сопствениците на дуќаните како и на жителите на објектот над трговскиот, сепак Општината најмалку десетина пати досега има реагирано и во гаражите, како и во трговскиот центар „Антико“.

Овој проблем често се случува на оваа локација и по чистењето за брзо време гаражните места повторно се полнат со отпад – реагираат општинските власти.

Тие велат дека виновни за оваа нехигиена се самите граѓани или, пак, несовесни граѓани од околните пооддалечени згради кои отпадот го фрлаат на ова место.

Од Општина Карпош информираат дека нивните одговорни лица за животна средина, во брзо време ќе се сретнат со одговорните лица, односно со Заедницата на станари на оваа зграда. Тие се надеваат дека состанокот кој се планира да се оствари ќе изнуди конечно решение за решавање на овој проблем, бидејќи, како што велат, голем број од станарите кои се засегнати со него, често се обраќаат и бараат помош.

-Паркинзите пред и зад зградата над трговскиот центар се слободни за паркирање и паркирањето е овозможено на овие места за секој граѓанин, па така и за жителите од ТЦ „Антико“ – децидни се од локалната самоуправа.

(А.П.) Фото: (П.С.)