Месец на фестивали: „Мобил филм фест“, „Луѓе како нас“ и „Анимакс“ во Кинотека

52

Во декември, во Кинотека ќе се одржи еднодневниот Филмски фестивал за планинско трчање „Луѓе како нас 2019”, организиран од Здружението „Трекс” со поддршка од ЕХО – Фестивал на планински филм, потоа 10. „Мобил филм фестивал“, а кинопрограма ќе заврши со тридневниот Меѓународен фестивал на анимиран филм „Анимакс – Скопје фест“, со интернационална селекција на кратки анимирани филмови реализирани во различни техники.

Во пресрет на објавувањето на номинациите за Оскар, Кинотеката повторно ќе го прикаже македонскиот кандидат за престижната награда на Американската филмска академија – документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

На програмата во декември ќе има и неколку балкански филмови кои беа прикажани на „Синедејс“ – „И покрај маглата“ на Горан Паскаљевиќ, негов прв филм снимен во Италија, хрватскиот филм „Глас“ на Огњен Свиличиќ (македонска малцинска копродукција), хрватскиот документарец „Туста“ за култниот панкер Бранко Чрнац-Туста од пулскиот бенд КУД Идиоти, како и музичкиот документарец „Ќеиф (македонската чалгиска традиција“ во режија на Блаже Дулев.

Како што соопшти Кинотеката од почетокот на 2019 година била домаќин на над 400 проекции со повеќе од 10.000 посетители, десетина циклуси на големите мајстори на филмот и уште толку филмски недели од различни национални кинематографии.