Меркел: Црна Гора е лидер во европските интеграции

362

Црна Гора е најнапредната земја кандидат за членство во Европската унија (ЕУ), изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел, јави агенцијата МИНА.

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ учествуваше на работен ручек во Тирана со Меркел и лидерите на земјите од Западен Балкан, чија главна тема беше регионалната соработка и механизмите за нејзино подобрување.

– Во таа прилика, Меркел особено посочи дека Црна Гора е најнапредната земја – кандидат за членство во ЕУ, нагласувајќи ја важноста на идејата за заеднички регионален економски пазар, кој, според неа, може да биде од корист за сите земји од Западен Балкан, соопшти црногорската Влада.

Кривокапиќ и се заблагодари на Меркел за признанието што и го даде на Црна Гора и признавањето на реформскиот и европскиот курс на новата Влада.

Од црногорската Влада додаваат дека на работниот ручек е нагласена потребата за продолжување на работата во рамките на Берлинскиот процес во наредните години, како една од најважните дипломатски иницијативи од 2014 година, насочена кон проширување на ЕУ.

– Во таа смисла, беше изразен стремежот дека сите земји од Западен Балкан вредно работат на процесите на внатрешни реформи, со цел процесот на интеграција во ЕУ да тече побрзо и поинтензивно, се вели во соопштението.