„Медена земја“ – прв македонски филм номиниран за Оскар во две категории

149

„Медена земја“ стана првиот македонски филм номиниран за престижната награда „Оскар“ во две категории. Како што објави денес американската Академија за филмска уметност и наука, македонски документарец, во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, ќе се бори за златната статуетка во категориите за најдобар документарец и за најдобар интернационален филм. Академијата ги објави сите 24 номинации, меѓу кои и за најдобар филм, режисер, сценарио, споредна и главна машка и женска улога. Најуспешниот македонски филм за 2019 година „Медена земја“, по големиот меѓународен успех и бројните награди, очекувано е номиниран за престижната награда „Оскар“ во двете категории.

„Пред сѐ, би сакале да се заблагодариме на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи ‘Медена земја’ во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат. Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето. Ова е првпат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот. Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но, уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно. Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме. Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР“, изјави тимот на „Медена земја“: режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, продуцент и монтажер Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума.

Македонскиот филм во категоријата – документарни остварувања за престижната награда ќе се натпреварува со документарците „American Factory“,„ The Cave“, „For Sama“ и „The Edge of Democracy“.

Во категоријата – најдобар интернационален филм, која претходно беше позната како најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, пак, „Медена земја“ ќе биде во трка за Оскар со филмовите: “Les Misérables” (Франција), “Corpus Christi” (Полска), “Parasite” (Јужна Кореа) и “Pain and Glory” (Шпанија).

Како што е познато, сниман во срцето на Македонија, тој претставува документарно видување на животот на последната одгледувачка на диви пчели во Европа – Атиџе која се соочува со опасност, кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство кое ќе се обиде да ѝ ја преземе трговијата со мед. Улогите ги толкуваат Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам, сниматели се Фејми Даут и Самир Љума, а продуцент и монтажер е Атанас Георгиев. Во документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, зад музиката стојат членовите на групата „Фолтин“. „Медена земја“ деновиве се прикажува во кино „Милениум“ (до 15 јануари) и во Кинотека (до 18 јануари).

Инаку, церемонијата на Свеченото доделување на наградите на 92. издание на Оскарите ќе се одржи на 9 февруари во Холивуд. (Н.И.Т.)