Меган ќе го позајми гласот за „Дизни“ во замена за донација за слонови

107

Сопругата на британскиот принц Хари, Меган, се согласила да сними нахсинхронизација за „Дизни“, а компанијата за возврат ќе донира добротворен прилог за слоновите, објави лондонски „Тајмс“.

Весникот не откри детали за нахсинхронизацијата, ама наведе дека донацијата ќе биде упатена на организацијата „Слонови без граници“.

„Тајмс“ не го откри изворот на информацијата, пренесува Ројтерс.

Портпаролот на војвотката од Сасекс не сакаше да го коментира известувањето.

Меган и Хари ја изненадија јавноста во средината на изминатава седмица, ама и кралското семејство, кога соопштија дека имаат намера да се повлечат од своите улоги како високопозиционирани членови на британското кралско семејство и дека работат на тоа да станат финансиски независни.

Кралицата Елизабета веднаш реагираше на одлуката повикувајќи го својот внук Хари на „кризен состанок“, закажан за утре за да разговараат за идните аранжмани за него и неговата сопруга Меган. Таткото на Хари, принцот престолонаследник Чарлс, и неговиот брат, принцот Вилијам, исто така, ќе присуствуваат на состанокот, а војвотката од Сасекс ќе се обиде да се вклучи во разговорот телефонски, од Канада.