Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана и Центарот за информативна и логистичка поддршка на граѓаните „Нов Контакт“- Македонија потпшаа меморандум за соработка.
Документот го потпишаа претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај и претседателот на Центарот Златко Николоски, чија цел е заедничката промоција на македонските национални, традиционални и историски вредности, култура, јазик, традиции и фолклор на национално и меѓународно ниво.
– Исто така се согласивме да изградиме партнерство во спроведување на конкретни проектни активности кои ќе бидат во функција на остварување на заедничките цели преку реализирање проекти. Тоа пред се во истражување, креирање, развој и промоција на социо-културни и економски политики со посебен акцент на унапредувањето на образовниот, економскиот, културниот и општествениот статус на сите категории на граѓани, деца, млади и возрасни, изјави Никола Ѓурѓај, претседател на „Илинден“.
Посочува дека е договорено учество, преку размена, на деца и младинци на разни манифестации како и промовирање и поддршка на научни, културно-уметнички, спортски и хуманитарни активности и манифестации, информирање на македонските граѓани во дијаспората и македонскиот народ во соседните земји.
– Центарот за Македончињата во областа Голо Брдо,Албанија, донираше македонска литература и граматика, лектири од македонски автори, боенки за помладите, прирачници за правилен македонски говор, македонски приказни, речници за македонски јазик, училишни ранци, пластични моливи, фломастери, тетратки, географски карти, блокови за цртање, читанки по македонски јазик и други училишни помагала, рече Ѓурѓај.
Донацијата е во реализација на Центарот, во соработка со „Просветно дело“ од Скопје, како и со поддршка на донаторите Александар Пасков од Швајцарија и Ана Ванчева од Австралија.