EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Двократниот МВП-играч во НБА-лигата, Стив Неш, ќе игра фудбал. Канаѓанецот, кој беше најдобар играч на НБА во 2005 и во 2006 година, никогаш не ја криеше љубовта кон фудбалот, а сега ќе игра за тимот Комо 1907, заедно со Сеск Фабрегас.

Се работи за турнир организиран во САД, а победникот на овој турнир ќе освои 1.000.000 евра. За ова натпреварување, италијанскиот второлигаш Комо реши да се засили со Фабрегас, кој е косопственик на тимот, но и со некогаш најдобриот НБА- плејмејкер – Неш.

  • Возбуден сум што ќе му се приклучам на Комо оваа година, секогаш ми е возбудливо да бидам на теренот со професионални фудбалери. Едвај го чекам ова – изјави Неш, кој е голем обожавател на премиерлигашот Тотенхем.

Таткото на Неш се занимавал со фудбал, а самиот Неш е косопственик на МЛС-тимот Ванкувер вајткепс. Додека го чека нов ангажман во НБА по отказот како прв тренер на Бруклин, тој ќе игра на турнир на кој ќе учествуваат Борусија Дортмунд, Вест Хем, Рексам, Хапоел Тел Авив, Шарлот, како и женската фудбалска репрезентација на САД.

Во групата Е, Комо ќе ги одмери силите со Рексам, Сајворд ФК и со женската репрезентација на САД, а интересно е што натпреварите ќе се играат седум на седум, а не 11 на 11 како што е вообичаено.