Мајка Тереза сè уште е “заробена“ во зелениот парк

272

Сè уште нема пристап до спомен-обележјето на куќата на Мајка Тереза на плоштадот „Македонија“. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов пред три дена експресно најави дека ќе им излезе во пресрет на барањата на здруженијата за заштита на ликот и делото на светицата да имаат непречен поплочен пристап до спомен-плочата која остана заробена во зелениот парк кој по налог на Град Скопје беше подигнат пред плочата.

Како привремено решение беа ставени плочки што биле земени од магацините на ЈП „Улици и патишта“, а кои потоа веднаш беа извадени.

– Одлучивме дека можеме по основ на тоа, имајќи предвид дека тоа не се потрошени јавни пари, да направиме соодветен пристап до спомен-обележјето каде се наоѓа куќата на Мајка Тереза, и така како што би требало да изгледа, во текот на денешниот ден ќе биде поставено – изјави Шилегов пред три дена.

Според него, поважно е прашањето, како се дозволило некој да го продаде плоштадот на Град Скопје, односно локацијата каде што се наоѓа спомен-плочата на Мајка Тереза.

– Некој се обидува да спинува со ширење на лажни информации или дезинформации за спомен-обележјото на Мајка Тереза, а клучно прашање е што е тоа што требаше да постои на местото каде што е сега тревникот. Таму требаше да постои зграда над 20 метри и за мене тоа е клучно прашање. Ако се дозволело да се изгради 20-метарска висока зграда која е како ивицата на тревникот, тука завршува објектот, скалите требаше да бидат накај фонтаната, на која скала тогаш ќе ја поставеа плочата – потенцира Шилегов.

Град Скопје во рамките на реконструкцијата на плочникот пред Градскиот трговски центар и Порта „Македонија“  не можеше да го поплочи и овој дел бидејќи е приватен имот. За да не стои дупка овој дел е уреден со зеленило, па сега јасно може да се види парцелата каде требаше, според планот на тогашниот премиер Никола Груевски, да никне зграда.

(С.Бл.)