Мајка со „СМС“ ја известила градинката дека детето има коксаки вирус – но нема пријава во ЦЈЗ

119

Дете од скопска градинка пред неколку денови заболело од коксаки. Ваква информација преку смс порака испратила мајка до раководителката на детската установа.

Случајот не е пријавен во скопскиот центар за јавно здравје од каде со сигурност не можат да потврдат дека станува збор за опасниот вирус кој е наречен и болест на нечисти раце. Но по информацијата од медиумите, најавија дека ќе направат вонреден надзор во објектот бидејќи заразата може да се појави кај друго дете и десетина дена по контактот.

-Кај нас пријава нема, но по истражување на информацијата ја дознавме градинката каде мајка пријавила дека детото и има коксаки. Секако дека ние ќе отидеме на терен да провериме, но кај нас официјална потврда нема, вели Гордана Кузмановска од ИЈЗ за СИТЕЛ.

И покрај заобиколување на процедурите, од градинката неофицијално ни потврдија дека направиле целосна дезинфекција во просториите каде седат дечињата. Вирусот е препознатлив по осип на раце или нозе и зголемена телесна темпeратура. Може да помине со благи симптоми, но според лекарите доведува и до тешки компликации како воспаление на мозок.

-Како и другите заразни заболувања и коксаки може да даде компликации, вели Кузмановска.

Во октомври и ноември минатата година беа регистрирани десетина случаи на коксаки во три скопски градинки.