Маск продаде акции на „Тесла“ за уште една милијарда долари

11

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск продаде уште еден дел од акциите на компанијата за околу 1,05 милијарди долари, покажуваат финансиските податоци објавени оваа недела на берзата.

Тој овој месец продаде акции на „Тесла“ за вкупно 9,85 милијарди долари, пренесува Си-Ен-Би-Си, прецизирајќи дека на 10 ноември остварил продажба во износ од 6,9 милијарди долари, а на 15 и 16 ноември во износ од уште 1,9 милијарди долари.

Шефот на „Тесла“ продаде дел од акциите за да ги подмири даночните обврски поврзани со капиталната добивка остварена врз основа на опции (купување акции на компанија по договорена поповолна цена).

Маск сè уште поседува повеќе од 169 милиони акции од компанијата.

Откако Маск почна да ги продава акциите на „Тесла“, нивната вредност падна за 15,4 отсто во неделата завршена на 12 ноември, што беше најлошата берзанска недела на оваа компанија во последните 20 месеци.

Вчера попладне акциите на „Тесла“ на Волстрит зајакнаа за околу 1,0 отсто.

На 6 ноември Маск спроведе неформална анкета на Твитер, прашувајќи повеќе од 60 милиони свои следбеници дали треба или не да продаде 10 отсто од акциите во „Тесла“, а нивната препорака беше да продаде.

Претходно оваа година, Маск навести дека веројатно ќе го продаде „големиот блок“ од своите опции во четвртиот квартал, бидејќи маргиналната даночна стапка по истекот на важноста на опциите на акциите на „Тесла“ би била 50 проценти.