Маски за заштита нема во аптеките во Македонија

98

Во моментов во Македонија, Европа, но и во светот хируршки маски нема,а се очекува Светската здравствена организација секој момент треба да прогласи пандемија со корона вирусот. Експертите велат дека маските на свстско ниво се новите биткоини.

Во аптеките во земјава повеќе од две недели нема маски за заштита од вируси. Во продажба нема ниту обични така наречени хируршки маски, ниту против аерозагадувањето, ниту пак така наречени нано-маски кои беа актуелни пред некоја година кога имаше епидемија од Сарс.

Екипата на ВЕЧЕР беше во обиколка на неколку скопски аптеки од каде ни кажаа дека маски нема,а нема ни да добијат, бидејќи тие се дефицитарни на светско ниво.

-Маските што ги имавме ги испорачавме за Кина, каде во моментов тие се најпотребни – вели еден скопски фармацевт кон ни посочи дека обичните маски не штитат доволно, а за корона вирусот се неопходни нано-маски кои се специјализирани за оваа намена.

Министерот Филипче пак вели дека нема недостаток на маски во земјава.

-Во моментов  има доволно маски во сите амбуланти и болниците, при што сите здравствени лица се покриени, а се планира да се достават маски и на граничните премини за полицијата и за царината – вели министерот.

Епидемиолозите нагласуваат дека подобра заштита од маските е редовното миење на рацете и избегнување на контакт со лица кои киваат и кашлаат.

(В.Ма.)