Масакр на пастрмката во реката Треска!

751

Пастрмката во река Треска, во делот од Матка не може на мир да се мрести поради зачестениот риболов што го прават рибокрадци. За таа цел, од Здружението „Рибар 2011“, кое е концесионер на реката Треска, велат дека и дење и ноќе се на терен, со цел да го спречат ловењето на рибата од страна на жители на Глумово, Шишево, Крушопек, Сарај, Матка и Ѓорче Петров.

Оттаму посочуваат дека иако Треска е под целосна забрана за риболов поради мрест на пастрмката до крајот на јануари, таа не се почитува.

– Ловење риба во период на мрест е вистински масакр. Ниту едно порибување не може да придонесе за богатството на риби, колку што е успешниот мрест на рибите. Пастрмката положува до 3.000 јајца икра. Токму затоа, во овој период рибите треба да се остават на мира да си ја завршат својата природна функција и на свет да дојде уште една нова и млада генерација на пастрмки – велат од „Рибар 2011“.

При контролите што ги вршат им се случуваат инциденти со рибокрадците. Поради тоа бараат помош од полицијата да им прави друштво во обиколката.

– Нема да се откажеме од контролите, тоа ни е работа. Ниту една закана или искршена кола нема да нè поколеба. Имаме задолжение од државата да чуваме, имаме поддршка од најголем дел од рибарите да чуваме и имаме обврска кон сите оние кои вадат дозволи да ги чуваме рибите – нагласуваат од здружението.

Упатуваат апел до сите да ја почитуваат забраната.

– Во оваа работа нема Македонци, Албанци, Роми, има само чесни и нечесни. Рибокрадците крадат од реката, но и од вас рибарите, го крадат вашето задоволство, помалку риби, помалку задоволство. Пробајте да ги одвратите оние кои се нечесни, а ако не можете да ги разубедите, информирајте нè, не им помагајте, на тој начин и вие сте соучесник во масакрот што го прават – велат од „Рибар 2011“.

Казните за риболов во период на забрана изнесуваат до 1000 евра.

(С.Бл.)