На македонската музичка поп-рок сцена, отсекогаш биле малубројни поп песни кои биле потпишани од жени музички кантавторки, како што се Калиопи, Мијата, Елена Христова од „Баклава“, Оливера Станковска, Марга Весковска-Калоу.

Токму со Марга сега и со презимето Калоу го правиме ова ексклузивно, но и емотивно интервју на далечина, за весникот „Вечер“ и порталот vecer.press. Постарите читатели ќе ги потсетиме, а помладите ќе ги запознаеме со една од нашите најдобри кантавторки кои оставиле неизбришлива трага во македонската поп музика.

Телеграфски, биографијата на Марга Весковска–Калоу би се сместила во неколку реченици: Нејзините музичките почетоци се во далечната 1980 година, кога ја сними песната „Разочарана“ . Четири години потоа во 1984, Григор Копров ја создава групата „Калиопи“, а Марга станува придружен вокал во првата постава на бендот во кој  фронтмени се Ромео Грил и Калиопи Букле, а една од пејачките е и Сузана Спасовска. Со групата ги снима песните „Томи “ и „Лео“, првиот успешен југословенски хит чиј автор е токму тој Григор Копров. Со оваа песна, групата „Калиопи“ настапи и освои награда на Опатискиот фестивал во 1985 година. Истата, 1985 година, Марга сосема ја напушта групата и снима соло-песна – „Bi bap”. Веќе наредната 1986 година исто така на Опатискиот фестивал, Марга Весковска се претстави пред публиката, жирито и новинарите со својата композиција „Лажам пак“. На првото издание на фестивалот „Макфест“, во 1986 година учествува со темата „Биди добра“. Од таа, 1986 година, Марга не настапува повеќе како пејачка,туку ја продолжи својата кариера како автор на музиката. Во 1987 година учествува на “Макфест“ со две песни: „Чили Вили“ во интерпретација на  Ристо Самарџиев која станува мегахит и „Таа мала Маја“ со групата „Бон-Тон“.

Меѓутоа, во 1988 година се враќа на сцената, за да отпее песна напишана во чест на нејзиниот добар пријател и прерано починат клавијатурист Слободан Боби Мицев, на текст на Весна Додева, која се јавува како пишувач на текстови за речиси сите нејзини композиции. Марга Весковска е автор на повеќе композиции за повеќемина пејачи меѓу кои се истакнуваат: „Кабала“  со многу популарната евровизиска ѕвезда Татјана Матејаш-Тајчи, „Адријан“ со Тања Кочовска, „За да откриеш“ со Стефан Чепишевски, „Љубов само за мене“ со „Силви бенд“…

И тоа би било тоа накусо. Денес Марга живее среќно во Сирија повеќе од 25 години, со своето семејство.

Марга, ова интервју ќе разбуди многу емотивни спомени верувам и кај двајцата, затоа што не се заборава една барака во Влае, една прекрасна пријателка и другарка, Весна Додева, и едно прекрасно време на создавање музика и безгрижно дружење и забава. Дали сум во право?

Да во право си, беа тоа убави времиња. Иако сум родена во Тетово, животот до 1998 го поминав во Скопје, во една од најубавите населби Влае, на улицата „Фјодор Достоевски“. И ден/денес, иако сум далеку од Скопје, сеуште во моите мисли често се навраќам на времето кога ние, младите живеевме во едно „царство“, каде што владееше големо другарство, почитување и помагање.

Каде всушност израсна Марга, каде учеше и на што се сеќаваш од твоето детство?

Најпрво завршив во Јосип Броз-Тито, а потоа завршив средно музичко во „Илија Николовски-Луј“, отсек за флејта. Своето образованието го заокружив на Факултетот за музичка уметност, каде дипломирав теорија на музика и педагогија. А, од детството највеке се сеќавам на нашата населба кај ГП „Маврово“, каде што сите живеевме како едно големо семејство. Детските игри, во лето и зима, опуштеноста, сигурноста и љубовта од тоа време, сега најмногу ми фалат.

Кажи ми кои беа твоите први допири со музиката, на која возраст беше кога стана свесна дека сакаш да учиш музика, да компонираш и да пееш?

Со музиката се „сретнав“ на почетокот во основното училиште. На гости кај едни наши роднини здогледав гитара, ја зедов во рацете и случајно ги открив акордите, А-мол и Е-дур. Нормално татко ми, откако го забележа тоа, по два дена ми купи гитара.   Јас сеуште ги памтев тие два акорда и си свирев песни кои ми звучеа хармонично. После од слики на разни гитаристи, затоа што немаше интернет, откривав и други акорди.

Која беше твојата прва снимена песна, каде се снимаше, какво беше чувството, имаше ли трема и што значеше тоа за тебе како музичар?

Мојата прва снимена песна беше кантавторска, се викаше „Разочарана“. Имаше тогаш аудиција на „млади надежи” во Македонската Радио Телевизија, тогашното РТВ Скопје. На мое пријатно изненадување, продуцентот и музичарот Благоја Чешларов ме одбра да снимам дури две мои песни за МТВ. Во тоа време бев во средно музичко и теоријата што ја учевме таму ми појасни многу работи. Ми олесни да ја разберам музиката, ми објасни како да компонирам. Снимањето беше во тогаш мошне популарното “Студио М2“ каде што подоцна снимив многу, како мои авторски песни, така и придружни вокали за други пејачи.

Малкумина знаат дека ти беше во првата постава на групата „Калиопи“, како влета во таа група, кои спомени ги носиш од таа соработка и зошто си замина од таму?

Самата Калиопи Букле ми беше школска другарка од средно музичко. Ми рече дека со Копров формираат вокална група и дека им фали женски вокал. Веднаш прифатив и убаво се дружевме со Копров, со Ромео и со Зоки. Снимив со нив две песни, “Томи“ и “Лео“, и навистина убаво звучевме. Убави времиња беа. Настапи на Опатискиот фестивал, каде што освоивме награда. Тогаш видов и запознав многу луѓе од светот на големата југословенскаестрадата. А, прашањето е, зошто си заминав? Знаеш кога си млад, мислиш дека можеш да направиш нешто повеќе од тоа што го правиш. Шлагер и лесни песни не беа мојата цел, па сакав да се обидам да направам песни по мој вкус.

Во 1986 година решаваш да ја продолжиш својата кариера само како автор, а не и како интерпретатор, имаше ли некоја посебна причина за тоа?

Да откако пробав соло бев задоволна од моите песни: “Бобо“, “Биди добра“, “Зиги“… но за да бидеш постојано успешен пејач треба и други работи, освен добар глас. Јас сум повеќе студиски вокал, background. Не се пронајдов себе си како пејач, па почнав да пишувам песни за други пејачи.

За читателите на ВЕЧЕР ќе ни појасниш како настанаа „Чили Вили“, по која песна и Ристо Самарџиев долго време го носеше прекарот Чили-Вили и песната „Кабала“, која ја отпеа дотогаш непознатата Татјана Матејаш-Тајчи?

Со „Чили Вили“ и „Кабала“ конкурирав за „Макфест“. Песните беа примени, а Славе Димитров најде пејачи за двете песни. Изведбата на Ристо беше навистина супер и долго време го следеше таа песна, сите го викаа Ристо-Чили Вили. Додека пак Тајчи ја запознав на самиот „Макфест“. Тогаш таа имаше само 17 години, потоа стана евровизиска ѕвезда со хитот „Хајде да лудујемо“. За жал, потоа патиштата повторно не ни се вкрстија.

Една , ми се чини од најемотивните твои песни е “Боби“ е посветена на еден од најдобрите клавијатуристи, аранжери и композитори, прерано починатиот Слободан Боби Мицев. Текстот е на Весна Додева, твоја верна и долгогодишна соработничка и пред се, пријателка

Ах… да, Боби и Весна, за жал прерано не напуштија. Песната „Боби“ ја направивме со Весна во чест на Боби Мицев, тој беше извонреден музичар и клавијатурист. Весна ја знам одамна, комшика од Влае. Почнавме да соработуваме по моето заминување од „Калиопи“. Нашето другарство ја направи таа соработка волшебна. Се разбиравме од прва. Мал гест беше доволен да знаеме дека нешто е добро, а другото може да биде и подобро.

Кога престана да се занимаваш со музика, и колку песни имаш снимено?

Престанав да се занимавам активно со музика кога со мојот сопруг решивме да се преселиме во Сирија во 1998 година. Незнам точно колку песни имам снимено, но одвреме навреме ми пристигаат тантиеми, хе,хе,хе,хе,хе,хе…

Сега живееш во Сирија, имаш создадено свое семејство, каков е животот таму?

Сирија беше една прекрасна, силна, богата земја, се додека Америка не реши да воведе „демократија“ по нивен терк. И, знаеш како тоа оди, кај што гази чизма трева не расте долго време. Како и да е, сега моите деца се возрасни. Поголемите ќерка и син живеат во Обединетите Арапски Емирати. Помалите, по завршувањето на факултет ќе одат по ист пат, а по нив и ние баба и дедо.

Каква музика слушаш, дали компонираш нешто за своја душа или музиката „ја заборави“?

Слушам се. Класика, поп, арапска музика (стара и нова) Адел, Сиа, Били Ајлиш.  А, што се однесува до компонирање, да, ќе си создавам музика, ама тоа кога ќе дојдам во Македонија. Да се поврзам со другарите, музичари, па ќе може нешто и да се објави, некоја моја нова песна.

Љубчо Алексовски