Во организација на Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата во градот, Национална установа Центар за култура и Локална установа Градски музеј, Крива Паланка, денеска беше презентирана детално програмата за манифестацијата „Крива Паланка град на културата 2024″.

– Ги здружуваме потенцијалите и енергијата за реализација на предвидените проекти од програмата. Сето она што во изминатите две години го правиме како општина, со вложувањата во културата и подигнување на нивото на организација на сите настани од областа на културата, ни ја донесоа честа да бидеме носители на еден ваков значаен епитет кој како и досега, очекувам не само да го привлече вниманието на јавноста и медиумите, туку и да продолжи да придонесува во она што е наша голема заложба, преку богатството и разновидноста на културата да создаваме долгорочен развој на градот. Имаме искуство, знаења, имаме капацитет да го реализираме овој голем концепт,иако сме мал град. Со максимална посветеност и заложби на сите инволвирани, ќе работиме за да ја оправдаме довербата што ја добивме од Министерството за култура, по повеќе од една деценија, 2013 година бевме град на културата, рече градоначалникот на Крицва Паланка Сашко Митовски.

Директорот на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, Драган Величковски, ја презентираше програмата што ќе опфати 50 настани, а од Министерството за култура е поддржана со 3.000.000 денари, додека Општина Крива Паланка од буџетски средства ќе вложи 10.000.000 денари.

Според директорот на НУ Центар за култура Крива Паланка, Антони Стојановски, оваа програма дополнително ќе биде збогатена и со сите програмски активности на установата.