Мандатарот за состав на новата Влада, Христијан Мицкоски, денеска до Собранието ја достави предлог-програмата за работата на идната влада и списокот на членови во новиот кабинет кој за неколку дена ќе седне на „Илинденска бр.2“. Очекува изборот на новиот кабинет пред пратениците да се најде овој викенд на 22 и 23 јуни. Мицкоски потенцира дека граѓаните очекуваат брзи резултати и порача дека неговата Влада има конкретна цел која се однесува на унапредување на животот и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Притоа, порача дека мандатот што го добиле мора да го искористат за да градат општествена кохезија, да го јакнат националното единство за стратешки прашања и Македонија повторно да ја направат држава на граѓаните.
– Јасно е дека оваа Влада како и очекувањата на граѓаните се да испорачува она што го ветуваше. Не ветувавме многу за време на кампањата, ветувавме дека Македонија ќе биде повторно на граѓаните, односно државата што изминативе седум години беше заробена од страна на една мала група властодршци кои доаѓаа од досега владејачките партии конечно е слободна и ќе биде вратена назад на граѓаните. Имаме група на луѓе која ќе биде дел од идната влада којашто е исклучително мотивирана да веднаш ги постигне резултатите. И јас очекувам дека секој еден од нив максимално ќе се заложи, ќе даде и повеќе од својот личен капацитет да направиме нешто за нашите граѓани. Тие тоа го заслужуваат, бидејќи тие своето го направија, сега е на ред ние да направиме нешто за нашите граѓани. Очекувам бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата од секаков вид, не само политички, за политичкиот несакам ни да зборувам. Нема да има толерирање без разлика од која политичка партија доаѓа каква било злоупотреба и овластување на кое било именувано лице, доколку истото биде дел од какви било криминални или коруптивни скандали за кои постојат докази, се разбира, изјави Мицкоски.
Истакна и дека доаѓаат подобри времиња за граѓаните, за земјоделците, за пензионерите за младите… Доаѓаат подобри времиња за нашите сограѓани, за земјоделците, за пензионерите. Тоа кое што е ветено, а тоа е уште во првата година дека ќе имаме линеарно зголемување на пензиите од пет илјади денари, дека ќе се случи. И понатаму планираме на иновативен начин да ги зголемуваме пензиите, изјави Мицкоски.
Мандатарот порача дека визија на новата влада е, Македонија во која очекува секој член на неговиот кабинет да има промакедонски и татковински став.
„Јас како мандатар и иден премиер очекувам секој функционер да има промакедонски позиции и да се бори за татковината Македонија. Секој што ќе излезе од тие граници, нема да биде дел од оваа Влада. Притоа објасни дека „Промакедонската позиција” значи стратешкото ориентирање на Македонија кон Европа и НАТО.
Владата што Мицкоски денеска ја предложи до Собранието брои 24 члена, односно претседател и 23 министри:
Министер за внатрешни работи, Панче Тошковски;Министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; Министер за транспорт, Александар Николоски и заменик претседател на Владата; Министер за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска;Министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски;Министер за одбрана, Владо Мисајловски;Министер за спорт, Борко Ристовски;Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски;Министер за култура и туризам, Зоран Љутков;Министер за образование и наука, Весна Јаневска;Министер за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска;Министер за локална самоуправа, Златко Перински; Заменик претседател на Владата и задолжен за политичкиот систем, Љупчо Димовски;Министер за односи со заедниците и заменик претседател на Владата, Иван Стоилковиќ;Министер без ресор, Шабан Салиу, задолжен за интеграции и имплементација на декада на Ромите;Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата, Изет Меџити;Министер за здравство, Арбен Таравари;Министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани; Министер за европски прашања, Орхан Муртезани; Министер за економија и труд, Бесар Дурмиши;Министер без ресор и заменик претседател на владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи;Министер за јавна администрација Горан Минчев; Министер за правда Игор Филков.
М.С.