Малта не треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, порача Анѓушев

33

Некогашниот вицепремиер за економија, Кочо Анѓушев реагираше денеска на одлуката на Малта да ја прекине неговата функција почесен конзул на таа земја во Македонија. Тој се заблагодари на, како што рече, пријателска Малта.

-Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт Департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Се додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција, посочи бизнисменот во објавеното соопштение.

Анѓушев порачува вчера го информирал министерот за надворешни работи на Малта за новонастанатата состојба, како и за, како што истакнува, мојата определба да ги искористам сите пропишани можности во правец на издржано и осовано преиначување на оваа одлука на администрацијата на пријателските Соединети Американски Држави.

Министерот ме информира дека Малта одблиску ќе го следи развојот на настаните и дека во тој контекст ќе го земат предвид секој позитивен исход, соопшти Анѓушев.

Малтешкиот медиум „Times of Malta“ пренесе изјава на портапролот на малтешкото Министерство за надворешни работи кој вели дека никогаш не добиле никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување.

-Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања, рекол тој.

Последниот чекор на Стејт департментот е најнов во низата ставање македонски граѓани на црната листа како начин да се помогне на земјата во справувањето со еден од најголемите проблеми – корупцијата и организираниот криминал.

-САД го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во земјата поради неговата вмешаност во значителна корупција, соопшти Стејт Департментот.