Макрон во Судот за човекови права го бранеше антитерористичкиот закон

97

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска пред Европскиот суд за човекови права застана во одбрана на законот за борба против тероризмот, кој од утре влегува во сила во Франција и ќе ја замени вонредната состојба во земјата.

Францускиот претседател првпат зборуваше пред 45-те судии од Судот.

– Тој текст е ефикасен, ги почитува и штити човековите права и е во рамките на европската Конвенција за заштита на човековите права, која на 830 милиони Европејци им гарантира сигурна заштита во светот и претставува модел за целото човештво, рече Макрон.

Законот за борба против тероризмот ги зајакнува можностите за интервенција на безбедносните сили во случај на терористички закани. Француската радикална левица и француските невладини организации го критикуваа Макрон поради законот и сметаат дека „ги убива слободите“.

– Ние остануваме во рамките на правната држава и под контрола на судството. Но безбедноста е услов, за да можат нашите слободи да се почитуваат, рече Макрон.

Тој нагласи дека новиот закон нема за цел да востанови постојана вонредна состојба, како што тврдат некои, туку предвидува неопходни мерки за заштита на Французите, кои се точно дефинирани и подлежат на засилена судска контрола.

Претходно Макрон по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Тјорбјорн Јагланд соопшти дека Франција утре ќе ја укине вонредната состојба, што беше воведена по нападот во Париз во ноември 2015 година.