Македонците големи штедачи, 27.000 граѓани имаат над 2 милијарди евра во банка

97

Македонските граѓани се големи штедачи, покажуваат статистиките, па така од 4,4 милијарди евра колку што имале на штедните книшки во првата половина лани, половината или 2 милијарди и 40 милионие евра биле на книшки кај 26.657 лица – покажува статистиката на Фондот за осигурување на депозитите.

Ова се депозити во износи поголеми од 30.000 евра како што ги дели Фондот, бидејќи тие до 30.000 се осигурани и се обештетуват од државата доколку пропадне банката или штедилницата, додека пак „висат“ износите над 30.000 евра.

Во просек пак ако оваа сума од над 2 милијарди евра се подели на секој од овие 26.657 лица, излегува дека секој имал по 76.502 евра заштеда во банка.

Податоците пак на Фондот покажуваат дека бројот на  ваквите „поголеми“ штедачи расте, односно во однос на првиот квартал од 2018 година, во вториот квартал лани бил поголем за 2.917 лица.

Во првите три месеци од 2018 година  имало 23.740 штедаци со суми над 30.000 евра, кои пак имале на книшки вкупно 1 милијарда и 760 милиони евра, или 279 милиони евра помалку од вториот квартал од 2019 година.

Другите пак нешто помалку од 2,4 милијарди евра во вториот квартал лани се депозити од 1 евро до максимални 30.000 евра и се  распределени кај 2.945.174 штедачи, покажуваат податоците на Фондот. Или вкупно според статистиката на Фондот за осигуртување на депозити има 2.971.831 поединечни штедачи во македонските банки и штедилници. А од 4, 4 милијарди евра вкупни депозити кај граѓаните, осигурани се 3 милијарди и 140 милиони евра.