Македонија е пример за функционална мултиетничка држава и унапредување на правата на етничките заедници кои живеат во неа, истакна во ОН премиерот Димитар Ковачевски. Но, не ги ни спомена македонските малцинства во Бугарија и Грција, кои се меѓу најонеправданите на Балканот, реагираат од ОМО „Илинден“-ПИРИН. И Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства го потврди значителниот напредок што државава го постигна во правната заштита на малцинствата. Останува впечатокот дека почитувањето на малцинските права наместо да биде обврска за сите земји, па и за членките на ЕУ, се става под лупа само во земјите кандидати за влез во Унијата.

Од македонското здружение, кое се бори за правата на Македонците во Бугарија, не се изненадени од тоа што биле изоставени во говорот на премиерот.

-Премиерот Ковачевски зборуваше во ООН за правата на малцинствата и, се разбира, не кажа збор за македонските малцинства во Бугарија и Грција. Најтажното не е дека еден македонски премиер во својот говор за правата на малцинствата не ги спомна македонските малцинства во Бугарија и Грција – несомнено меѓу најонеправданите малцинства на Балканот, туку дека ниту некој од нас не очекувавме да нѐ спомне! Може ли да има понесреќни малцинства од оние кои истовремено живеат во држави кои ги негираат, дискриминираат и асимилираат и припаѓаат на нации чии држави ни уста за нив не отвораат, не па да ги заштитат? Како да живееме во народна приказна – несакани од мајка – мразени од маќеа. Двојно несакани – двојно сами. После толку борби на македонскиот народ за своја држава имаме држава која не ги третира сите делови од македонскиот народ како свои – стои во реакцијата на ОМО „Илинден“-ПИРИН на нивниот фејсбук-профил.

Во своето обраќање на отворањето на Состанокот по повод 30 години од Декларацијата за правата на малцинствата, во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации, вчера, премиерот Ковачевски порача дека унапредувањето на едно право, што не загрозува друго право, може само да ѝ користи на една држава што е посветена кон мирен развој.

-И го велам ова затоа што денес сум тука во името на мојата татковина, Република Северна Македонија, која денес е пример за функционална мултиетничка држава и претставува фактор на стабилност на Западен Балкан што најмногу се должи на концептот „Едно општество за сите“ кон кој се стремиме и го спроведуваме без предрасуди. Ова е концепт заснован на начелото на еднакви права и должности за сите граѓани, начело што Владата и поголемиот дел од граѓаните на Република Северна Македонија го поддржуваат, рече Ковачевски.

Овие граѓани, продолжи премиерот, се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и кои според највисокиот законодавен документ, нашиот Устав, имаат еднакви слободи и права, без разлика на нивната национална, етничка, верска или друга припадност.

– Всушност, ние ги пренесовме писмото и духот на Декларацијата за права на малцинствата на Обединетите Нации во реалност, во нашата секојдневна пракса. Северна Македонија е силен поддржувач на оваа Декларација на ОН, која ги штити основните начела за заштита на малцинствата. Веруваме дека сите демократски држави треба и мора да се водат од оваа Декларација, подвлече премиерот.

Но, почитувањето на оваа Декларација не се спроведува секаде подеднакво. Според бројните и многупати повторувани изјави на Македонците, кои живеат во Бугарија и Грција, тие не ги уживаат малцинските права иако и двете земји се членки и на ЕУ. Да потсетиме дека според копенхашките критериуми, кои се правила кои дефинираат дали една земја има право да се приклучи на Европската Унија, меѓу другото, бараат државата да има институции за зачувување на демократското владеење и човековите права.

Од своја страна, Македонија остварила значителен напредок во правната заштита на малцинствата, иако се потребни подобри закони и политики, посочи Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.

– Северна Македонија постигна значителен напредок во правната заштита на правата на припадниците на националните малцинства преку подобрување на нејзините политики во согласност со Рамковната конвенција, но практичното спроведување на правата мора да се подобри, стои во новото мислење на Советодавниот комитет објавено вчера, во Стразбур.

Ова, петто мислење на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства се заснова на информации обезбедени од владини и невладини извори, вклучително и оние добиени за време на нивната посета на земјава во ноември 2021 година. Мислењето е објавено заедно со коментарите на македонските власти, а во него не се споменува на ниту едно место бугарското малцинство во земјата, кое според договорот меѓу Скопје и Софија треба да биде внесено во македонскиот Устав.

Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства е најсеопфатниот европски договор за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства. Тоа е првиот правно обврзувачки мултилатерален инструмент посветен на заштитата на националните малцинства во светот. Неговата имплементација ја следи Советодавниот комитет составен од независни експерти. Влезен во сила на 1 февруари 1998 година, договорот денес се применува во 39 држави.

(И.С.)