“Средбите наскоро продолжуваат, но се уште немаме конкретен датум“, изјави за весникот ВЕЧЕР, Драги Ѓоргиев, првиот човек на македонската преговарачка страна во мешовитата македонско- бугарска комисија. Иако се шпекулира дека е можно комисијата да се состане и во текот на овој месец во Скопје, тоа секако би зависело и од состојбата со пандемијата на коронавирусот. Последната средба се одржа лани на 28 и 29 ноември во Софија. Иако тогаш македонската страна ја пролонгираше наредната средба за период по изборот на новата Влада, сепак, велат дека останале во постојана комуникација со бугарската страна. На последната средба комисијата не успеа да најде заеднички став за одредени историски настани и личности, а копјата најмногу се кршеа околу тоа дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин
Македонско-бугарските средби за усогласување на разликите во однос на историските прашања и личности, кои беа прекинати поради предвремените избори во Македонија пред цели девет месеци, ќе продолжат и тоа во најскоро време. На овој став се и македонските и бугарските политичари и историчари, бидејќи се работи за важен чекор на патот на Македонија кон ЕУ. Ова го потврдува и историчарот Драги Ѓоргиев, првиот човек на македонската преговарачка страна во мешовитата македонско-бугарска комисија.
„Средбите наскоро продолжуваат, но сè уште немаме конкретен датум“, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓоргиев, иако се шпекулира дека е можно комисијата да се состане и во текот на месец септември во Скопје, што секако би зависело и од состојбата со пандемијата на коронавирусот. Последната средба се одржа лани на 28 и 29 ноември во Софија. Тогаш комисијата не успеа да најде заеднички став за одредени историски настани и личности, а копјата се кршеа околу тоа дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин и дали учебниците ја претставуваат „вистинската“ историја…
„Гоце Делчев е многу чувствителна тема и да се одговори на тоа дали тој бил Бугарин или Македонец и да се бара тоа од нашата комисија, јас сметам дека е апсолутно неупатно“, изјави за Бугарската национална телевизија, Драги Ѓоргиев, координатор на македонската група во мешовитата бугарско-македонска комисија, по заедничката, деветта по ред средба.
Тој во неколку наврати нагласи дека е умерен оптимист во однос на решавањето на спорните прашања кои опфаќаат и заедничко чествување на Гоце Делчев. Иако пред осум месеци македонската страна ги одложи средбите за период по изборот на новата Влада, сепак, велат дека останале во постојана комуникација со бугарската страна.
„Како историчар сметам дека е потребно да се дискутира и дебатира со колегите од Бугарија за историски прашања кои со децении ги оптоваруваат нашите односи и сметам дека надминувањето на тие несогласувања, пред се во учебниците по историја, може да се постигне само со дијалог. Ако отворено не разговараме за нашите несогласувања, за нашите и нивните ставови околу одредени настани и личности, сметам дека историјата секогаш ќе биде пречка меѓу двете држави. Притоа, исклучително е важно разговорите да продолжат да се одвиваат на рамноправна основа и тогаш ќе има и резултати“, смета Ѓоргиев.
Македонските политичари Бујар Османи и Никола Димитров пак, деновиве по изборот на новата Влада изјавија дека се уверени дека Бугарија нема да го попречува европскиот пат на земјава. Новоизбраниот вицепремиер за евроинтеграции Димитров истакна дека Бугарија не може да добие од комплицирање на европската иднина на Република Северна Македонија.
“Во тоа сум убеден бидејќи има голема улога кога беа претседавачи со Европската Унија, со Самитот во Софија токму во отворањето на Европа и враќањето на проширувањето високо на агендата на ЕУ. Во однос на ова прашање ќе имаме комплементарност со Бујар, новиот шеф на македонската дипломатија, бидејќи од една страна ги тангира меѓусоседските односи, а од друга страна европската иднина на државата“, рече Димитров.
Тој како историски ги оцени изминатите три години додека ја извршуваше функцијата шеф на дипломатијата, пред се, како што рече, поради членството во НАТО, решавањето на спорот со Грција, и почнувањето на историскиот процес со Бугарија.
Бугарската Влада, пак, лани излезе со долга листа на услови кон земјава во замена за поддршка за членство во ЕУ. Еден од условите беше барањето терминот „македонски јазик“ да се исфрли од документите на Унијата и во замена да се користи „официјален јазик на Република Северна Македонија“, а доколку е неопходно да се користи „македонски јазик“ да се вметнува фуснота “согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Тие побараа и да се исфрли фразата „бугарски фашистички окупатор“ од учебниците, спомениците и медиумите.
Овие барања тогаш наидоа на остра осуда од бугарските интелектуалци кои покренаа петиција оценувајќи ја Декларацијата на владата во Софија разочарувачка и потценувачка кон Македонија, а остри реакции имаше и од македонската страна, поточно од македонските власти и бројните институции во државата. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ тогаш посочи дека негирањето на македонскиот јазик и на македонското писмо од страна на бугарската академија е свесна провокација.
“Постоењето на македонскиот јазик со свој посебен дијалектен систем и со своја историја е апсолвирано прашање во светски рамки уште одамна, а секој став што го негира овој непобитен факт го сметаме за свесна провокација. Ваквите изјави одат во прилог на евтина дневно-политичка пропаганда и затоа е несфатливо што доаѓаат од една висока академска фела на држава членка на Европската Унија“, истакнаа тогаш од Институтот. Старо-новиот премиер Зоран Заев, тогаш кажа дека македонскиот јазик е впишан во сите меѓународни организации. Според Заев, недозволиво е во 21 век да се разговара за идентитет којшто е впишан целосно во сите анали, во сите документи и во сите меѓународни организации. Првиот човек на Владата тогаш додаде дека Договорот за соработка и пријателство со Бугарија е потпишан согласно Уставот, односно на македонскиот јазик.
( Д.Т.)