Македонски ПЕН-центар: Нападот врз Салман Ружди e напад врз слободата на изразувањето

22

Македонскиот ПЕН-центар со длабока индигнација и згрозеност го осуди бруталниот напад врз светски познатиот автор Салман Ружди, кој целите свои дело и живот ги посвети во одбрана на слободата на изразувањето и на човечкото достоинство. По објавувањето на неговото најпознато дело „Сатански стихови“ (1988), иранскиот верски водач, ајатолахот Хомеини, во 1989 година му изрече фатва. Па така Салман Ружди повеќе од половина од животот го помина под постојана смртна закана.

– Но и покрај тоа, Салман Ружди непоколебливо продолжи со својата мисија по светот ширејќи го гласот против верскиот фундаментализам, фанатизам и догматизам од секаков вид, укажувајќи притоа на длабоките културолошки и традиционални недоразбирања помеѓу Истокот и Западот. Неговото дело и неговиот постојан активизам не запираат само на критика и на сaмокритика, туку истовремено градат цврсти мостови на толеранција и разбирање меѓу различните народи, култури и религии во светот. Затоа безумниот и бездушен напад врз него го сфаќаме како напад врз слободата на мислењето и изразувањето и, согласно со начелата изнесени во Повелбата на Меѓународниот ПЕН, најостро го осудуваме и му пожелуваме на Салман Ружди брзо закрепнување од тешките повреди и продолжување на неговата благородна, космополитска мисија – се посочува во реакцијата на Македонскиот ПЕН-центар.