Македонски музички производ со далматински шмек:Баже Маротов има песниште во спомен на Оливер Драгојевиќ

267

„Роман за нас“ е песната која има своја приказна, а посветена е на големата балканска музичка легенда Оливер Драгојевиќ, кој на Баже му е музички идол. Песната вчера беше официјално промовирана заедно со спотот кој е снимен во Македонија

Нашиот популарен поп-пејач Благоја, нагалено Баже, Маротов по долга естрадна пауза, има нова песна. И тоа не било каква песна, туку како што велат естрадњаците, тоа е песниште, со интересен наслов “Роман за нас”. Песната има своја приказна, а посветена е на големата балканска музичка легенда Оливер Драгојевиќ кој на Баже му е музички идол. Песната вчера беше официјално промовирана, но поради коронавирусот спотот е снимен во Македонија, и ако плановите биле да се снима во Далмација и Вела Лука, родното место на Оливер.

-Композицијата ја напишав од впечатоците на нашите патувања со мојата брачна другарка Јуле, од нашите настапи, свирки, дружби по Јадранскиот брег во Далмација, каде речиси секоја година, за жал освен оваа, сме редовно омилени гости. Во она далечното југословенско време прво јас настапував со моите колеги во Цавтат, Сребрено, Млини, Купари, во околината на Дубровник, Страдун во самиот град, во сите тие прекрасни медитерански места.

Последните две години со Јуле бевме токму во Вела Лука, родното место на легендата Оливер Драгојевиќ. каде направив контакти со неговите блиски луѓе, пријатели и роднини. Имаше планови и за мојот настап на популарниот„Сплитски фестивал 2020““, но оваа ситуација со вирусот ги измени сите тие мои желби.

За време на оваа да речам “карантинската пауза” ја напишав оваа песна на шармантниот далматински јазик, со почит кон легендата, кусо но со големо задоволство, ни раскажа за весникот ВЕЧЕР, шармантниот Баже. Ние цврсто веруваме дека песната уште во текот на ова лето, лесно ќе го најде патот до нашата публика, и ако не е на македонски, преубава е, а за такви песни не постојат пречки. Д.М.