Македонски кучиња и мачки вдомени во светски метрополи

140

Со организиран превоз заминуваат бездомни кучиња и мачки од Македонија до крајни дестинации во Европа и САД, каде што се вдомуваат. Најчесто тоа се болни, стари и хендикепирани животни кои овде не можат да ги чуваат и да се грижат за нив, бидејќи за тоа се потребни повеќе ресурси. Пред да заминат, животните се проверени од Агенцијата за храна и ветеринарство, која, има определено свои стандарди, односно животното да е вакцинирано, чипирано и да има пасош

Бездомни кучиња и мачки се вдомуваат во странство. Обично тоа се болни, стари и хендикепирани животни кои овде не можат да ги чуваат и да се грижат за нив, бидејќи за тоа се потребни повеќе ресурси. Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ посочуваат и дека една од причините зошто бездомните кучиња и мачки се вдомуваат во странство е нивната енормна бројка кај нас.

– Во Германија не може да се најде куче на улица. Додека, кај нас, ги има глутници, и не може да се обезбедат доволен број луѓе за секое животно. Имаме многу хумани луѓе, но тие веќе имаат вдомено и по четири/пет кучиња или мачки – потенцираат од „Анима мунди“.

Од здружението информираат дека практиката да се вдомуваат хендикепирани животни, кај нас е многу ограничена.

– Самите активисти зем10аат хендикепирани животни. И некои луѓе се одлучуваат да им дадат шанса на овие животни, но не како во странство каде што тоа е редовна практика. Тоа е сигурно и поради стандардот кај нас, бидејќи чувањето хендикепирани животни бара многу повеќе ресурси од секој аспект, ветеринарна грижа и време, но и финансии – децидни се од „Анима мунди“.

Вдомување на кучиња не прават само здруженијата за заштита на животните, туку и јавното претпријатие „Лајка“ од нивниот стационар. Оттаму, неодамна соопштија дека нивната мисија за вдомување не само што се одвива кај нас, туку продолжува во САД, но и низ Европа. Од ЈП „Лајка“ деновиве известија дека вдомиле кучиња во Германија, Белгија и Шведска и дека до сега ова претпријатие има вдомено над 150 кучиња во земјава и во странство.

Од ЈП „Лајка“ не нè удостоија со одговор, ниту со писмен, иако им беа навремено поставени прашања на нивната мејл адреса, ниту пак усно, а директорката беше на некакво снимање и на прашањето кога да ја побараме, дрско одговори да ја побараме подоцна, но потоа не одговараше на повиците.

– Оваа постапка на ЈП „Лајка“ и обидите за секое животно да најдат дом, независно дали тоа е кај нас или во странство, се додека тој дом е адекватен и луѓето што вдомуваат се проверени и ги знаат своите права и обврски го поздравуваме и поддржуваме. Нема ништо спорно. Се надеваме дека од „Лајка“ ќе дефинираат и поттикнат еден нов стандард за другите стационари или јавни прифатилишта во државата – велат од „Анима Мунди“.

Од здружението наведуваат дека на тој начин Скопје е светлосни години нанапред ако се направи паралела со градот Штип, каде како што наведуваат, локален ветеринар со години добива тендери и масовно ги убива и мачињата и кучињата и иако е пријавуван од сите здруженија и активисти за кршење на законот не одговара пред никого и за ништо.

Што се однесува до постапката на вдомување на бездомни животни во странство од здружението велат дека имаат мрежа на активисти во Италија, Германија, Холандија, Швајцарија, Америка.

– Стапуваме во контакт со нив и со локални организации. Ние ги објавуваме животните со видеа и фотографии и со точни информации за нивната состојба. Тие редовно се ажурираат. Потоа, не’ контактираат оние што се заинтересирани, па ние ги проверуваме условите, искуството што тие го имаат и гледаме, доколку има повеќе заинтересирани, каде е подобро за животното – го објаснуваат начинот на вдомувањето во странство од „Анима Мунди“.

Од здружението потенцираат дека имаат организиран превоз до таму и оти се треба да биде сертифицирано и проверено од Агенцијата за храна и ветеринарство, која, како што додаваат, има определено свои стандарди, животното да е вакцинирано, чипирано и да има пасош.

(А.П.)