Сите со нетрпение го чекаме дебитантскиот настап на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство кое ќе се одржи ова лето. „Црвено- жолтите“ се во група со фаворитот Холандија, домаќинот Романија и секогаш незгодната Австрија, а македонските фанови цврсто веруваат во добар настап и пласман на нашата селекција во елиминациската фаза.

Покрај професионалните успеси на големите фудбалски ѕвезди, светските медиуми посветуваат голем простор и за нивните сопруги, па честопати тие се наоѓаат на насловните страници. Исто така секоја година се спроведува анкета во која се избираат најсексапилните и најуспешните сопруги на фудбалери, а во 2020 година на првото место на оваа листа се најде супер згодната Викторија Бекам, сопруга на легендарниот Дејвид Бекам.

Колекција од најатрактивни сопруги има шпанската селекција, каде штп се наоѓаат дами како Шакира (Жерард Пике), Пилар Рубио (Серхио Рамос), Алиса Кампељо (Алваро Мората), а до неодамна и Сара Карбонеро, која се раздели од легендарниот голман Икер Касилјас.

Ова покажува дека зад секој успешен спортист, стои убава жена, па затоа, овој пат дневниот весник ВЕЧЕР реши да ги открие згодните и паметни сопруги на нашите репрезентативци.

Иако тие се далеку поскромни на социјалните мрежи, нема ниту ронка безобразност како што го прават тоа Шпанките, сепак со нивната убавина пленат насекаде, па слободно можеме да кажеме дека се рамо до рамо со светско познатите дами.

Како и секогаш почнуваме капитенски. Човекот кој ни го исполни сонот и ја пласираше македонската селекција на историското Европско првенство, Горан Пандев, крај себе ја има Надица Хаџи-Скерлева.

Со голот во 56. минута против Грузија во Тбилиси, Пандев го трасираше патот на Македонија на големиот континентален собир, изборен преку новоформираната Лига на нации. Гранде Пандев, како што љуби да го нарече јавноста, по пласманот истакна дека негова најголема инспирација во кариерата е фамилијата.

-Успехот го посветувам на мојата фамилија, тие се мојата инспирација и помош. Кога ме испратија од Италија, жената и децата ми порачаа: „Тато без Европско првенство да не се враќаш“. Среќни се сите, а јас сум најсреќен. Уште не верувам дека го остваривме сонот, но за некој ден ќе разбереме што сме направиле. Кога го дадов голот погледнав кон небото и помислив дека вербата во Бог ќе те награди. Знаеме дека долги години се мачевме во фудбалот, ама сега треба сите заедно да се радуваме, бидејќи тоа го заслужуваме, изјави Пандев по победата над Грузија.

Инаку, голгетерот на италијанска Џенова ретко објавува фотографии од семејството на социјалните мрежи, но секако дека постојат и исклучоци од кои можеме да видиме како изгледаат веселите семејни моменти на македонската фудбалска легенда. Тој од 2009 година е во брак со прекрасната Надица, која исто така е родум од Струмица и со која има три дечиња, синот Филипо, ќерката Ана и најмалата Софија, која се роди во 2018 година.

Во текот на кариерата настапуваше за неколку фудбалски гиганти, како Интер, Наполи и Лацио, а најголемите успеси ги постигна со „нераѕурите“, со кои ја освои титулата во Серија А, како и трофејот во најпрестижното клупско натпреварување – Лигата на шампиони.

Македонската репрезентација изминативе неколку квалификациски циклуси не може да се замисли без Илија Несторовски, кој е страв и трепет за противничките одбрани. Сепак, поради операција на лигаментите, Несторгол нема да ѝ биде на помош на нашата селекција на претстојното ЕП.

-Жал ми е, но подготвен сум да станам и да се борам. За жал, ќе го пропуштам Европското првенство што го чекав. Сепак, ќе го надминам овој предизвик и ќе се вратам посилен од порано. Патот е тежок, но јас сум подготвен, напиша 31-годишниот македонски напаѓач.

Фудбалерот на Удинезе од пред речиси седум години е во брак со Мартина Несторовска, со која има две деца. Слободното време Несторовски најчесто го поминува со семејството, а за тоа најдобро може да се забележи од социјалните мрежи. Тој веќе пет сезони е во Италија, а од 2019 година го носи дресот на Удинезе. Претходно, ги бранеше боите и на Палермо, за кого постигна 39 голови на 99 меча.

Негова замена во напаѓачката линија ќе биде Влатко Стојановски, кој игра како позајмен играч во Шамбле од Ним. Македонскиот интернационалец се пресели во Франција по одличната сезона што ја имаше во дресот на Ренова, во трансфер вреден 1,5 милиони евра. Сепак, тој не ја доби посакуваната минутажа во Ним, каде што настапи само на шест натпревари во француското првенство, постигнувајќи два гола во лига-купот на Франција, но затоа се очекува да биде стартер на ЕП и да блесне кога е најпотребно.

Во љубов е со Ивана Серафимоска, со која ужива во убавата Франција и умешно ги „полни батериите“ за секој нареден меч.

Со оглед на неговата одлична форма, повик за настап се очекува да добие и Крсте Велкоски, кој моментно ги брани боите на Сараево. Повремениот репрезентативец летото 2015 година ја запроси својата долгогодишна љубов – Соња, со која има две деца.

Соња Велкоска често пати знае од трибините да го бодри својот сакан, што е дополнителен мотив за Македонецот, кој постојано ги тресе противничките мрежи и воедно е капитен на својот тим.

Сигурен на десната бековска позиција е заменик капитенот Стефан Ристовски. Тој годинава е дел од Динамо Загреб, каде што капитен е Аријен Адеми. Несомнено е дека македонската репрезентација добива на квалитет со овие двајца фудбалери, па затоа очекувањата од јавноста се високи.

Ристовски беше три ипол сезони во португалски Спортинг, а репрезентативениот дрес го носи од 2011 година. Во десетгодишната репрезентативна кариера тој запиша 62 настапи и постигна два погодока, па се надеваме дека на континенталното првенство ќе продолжи да блеска. Тој долги години е со Андреа, со која го има синот Давид.

Дарко Велковски е еден од неколкутемина млади фудбалери кои по настапот на ЕП во Полска (У21) се наметна и кај селекторот на А-репрезентацијата, Игор Ангеловски.

Велковски, заедно со Енис Барди и Елиф Елмас беа вистинско освежување на нашата селекција, а селекторот Ангеловски знаеше како да ги спои искуството и младоста.

Велковски долги години е со преубавата Тамара Чуприна, па знае често да ја израдува со патување на некое егзотично место.

*ФОТОГРАФИИТЕ СЕ ПРЕВЗЕМЕНИ ОД СОЦИЈАЛНАТА МРЕЖА „ФЕЈСБУК“