Македонските филмаџии бараат повлекување на предлогот за кратење на парите за филмска дејност, најавуваат протести

51

Над 50 македонски филмаџии (режисери и продуценти) се потпишаа на Отвореното писмо во кое реагираат за, како што велат, доставениот предлог на Министерството за култура до Владата за кратење на предвидениот годишен буџет за филмска дејност, а без претходна најава и без консултација со Агенцијата за филм.

Според нивните, како што велат, неофицијални информации, Министерството немало да дозволи ниту користење на средствата од сметката на Агенцијата за филм на која се акумулираат средства од различни извори.

„Доколку овие информации се точни и истите бидат изгласани во Собранието на РСМ, ќе дојде до целосно блокирање на филмската дејност, бидејќи наведените средства се планирани за проекти од национален интерес кои се во тек на реализација. На овој начин се нанесува штета на и онака кревката филмска индустрија во Македонија и се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти. Блокирањето на овие филмови доведува до голема штета врз македонската кинематографија и на интернационално ниво, бидејќи во проектите учествуваат меѓународни продукции кои се финансирани од национални европски фондови и Еуримаж – најголемиот фонд за европски копродукции формиран во рамките на Советот на Европа. Континуираната пракса на кратењата на буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм во последните години доведува до системско уништување на дејноста, наспроти зголемувањето на содржините и буџетите во цела Европа. Сето ова се случува во годините кога македонскиот филм ги постигнува најголемите успеси на интернационално ниво“, се посочува во Отвореното писмо на македонските режисери и продуценти.

Тие бараат од Министерството за култура повлекување на предлогот за кратење на средства за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување на користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата.

Во спротивно, нивниот револт ќе го изразат со протести и со повлекување на нивните филмови и ТВ серии од кината, платформите и телевизиите во Македонија.

„Се надеваме дека нема да бидеме доведени до оваа ситуација и дека предлогот за кратење на средствата за производство на филм ќе биде повлечен од страна на Министерството за култура“, додаваат филмаџиите во писмото.