Македонскиот треш-метал бенд Conspiracy го објави својот прв албум „Dehumanized“

91

Македонскиот треш-метал бенд Conspiracy (Конспираси) кој важи за еден од најнадежните нови претставници на жанрот во земјава, го објави својот студиски првенец!

Албумот насловен „Dehumanized“ е снимен во студиото „Enterprise Recording Studios“, под менторство на Валентино Скендеровски, под етикетата на „Пасворд продакшн“ што воедно е дел од наградата која групата Conspiracy ја освои како победник на „Лузер Фест“.

По победата на овој настан организиран во рамки на скопскиот „Таксират“ фестивал во 2017-та година и по многу часови поминати во студио, со отсвирени рифови и сменети аранжмани, лани на следното издание на „Лузер фест“, Conspiracy и во живо ги претставија песните од „Dehumanized“.

Уште од самиот почеток на нивната кариера во 2016-та година, „Conspiracy“ својата музика веќе ја промовирале во живо на повеќе настани низ Македонија и досега имаат повеќе од 30 настапи зад себе. Членови на бендот се: Стефан Трајкоски (вокал, ритам гитара), Давор Капац (соло гитара), Иван Димишков (тапани) и Милош Благоевиќ (бас гитара).