Интересно е што во статијата на „Culture trip“ под објаснувањето за македонскиот јазик дополнително ја ставаат и следнава забелешка: „Следејќи ги коментарите во врска со сложената историска врска меѓу Македонија и Бугарија, ние од ‘Culture trip’ би сакале да истакнеме дека, и покрај сложеноста, надвор од овој регион преовладува академскиот консензус дека бугарскиот и јазикот познат како македонски се разликуваат. Ако не ни верувате, прочитајте ја историјата на македонскиот јазик“

Јазичната еволуција е како биолошката – се случува од час во час, од генерација во генерација, така што нема одредена точка на прекршување помеѓу еден јазик и јазикот што се развил од него. Затоа, невозможно е да се каже дека еден јазик е навистина постар од некој друг, сите тие се стари колку и самото човештво. Според тоа, секој од доленаведените јазици може да се пофали со нешто посебно, нешто древно, кое го разликува од останатите, се вели во статијата на платформата за патување „Culture trip“ (Култур трип) во која меѓу десетте најстари јазици што сè уште се зборуваат во светот денес, го издвојува и македонскиот јазик.

Хебрејски јазик

Хебрејскиот јазик е интересен, бидејќи во суштина тој околу 400 г. н.е. испаднал од употреба, но останува зачуван како литургиски јазик за Евреите ширум светот. Меѓутоа, со појавата на ционизмот во 19 и 20 век, хебрејскиот заживеал и станал официјален јазик на Израел. Иако современата верзија се разликува од библиската, оние чиј мајчин јазик им е хебрејски можат целосно да го разберат она што го пишува во Стариот завет и текстовите поврзани со него. Бидејќи мајчин јазик на повеќето луѓе кои најрано почнале да го употребуваат современиот хебрејски јазик бил јидиш, тој на многу начини влијаел на овој  еврејски јазик.

Баскиски јазик

Баскискиот јазик е вистинска лингвистичка мистерија. Овој јазик го зборуваат Баскијците во Шпанија и Франција, но тој не е поврзан ниту со еден од романските јазици (во која група се францускиот и шпанскиот), ниту, пак, со кој било друг јазик во светот. Лингвистите шпекулираа со децении со кој јазик би можел да биде поврзан, но ниту една теорија не беше одржлива. Очигледно е дека тој постоел само на тоа подрачје пред доаѓањето на романските јазици, т.е. пред Римјаните да стигнат и да донесат латински јазик, од кој подоцна ќе се развиваат францускиот и шпанскиот јазик.

Тамилски јазик

Тамилскиот јазик го зборуваат околу 78 милиони луѓе и е признат како официјален јазик во Индија, Шри Ланка и Сингапур. Тој е единствениот од класичните јазици кој преживеал сè до современиот свет. Припаѓа на семејството  дравидијанци, кое вклучува голем број јазици, главно од јужна и источна Индија. Научниците откриле натписи на овој јазик кои датираат од третиот век пред нашата ера и оттогаш активно се користи. За разлика од санскритот, другиот древен индиски јазик, кој излезе од општа употреба околу 600 п.н.е. и главно стана литургиски јазик, тамилскиот јазик продолжил да се развива и денес е 20-ти на списокот на најраспространетите јазици ширум светот.

Литвански јазик

Повеќето европски јазици припаѓаат на семејството индоевропски јазици, чие меѓусебно разликување започнало околу 3500 година п.н.е. Тие се развија во десетици различни јазици, како што се германски, италијански и англиски, и постепено ги изгубија своите заеднички карактеристики. Еден од јазиците од балтичката гранка на индоевропското јазично семејство има задржано неколку одлики на јазикот што лингвистите го нарекуваат пра-индоевропски јазик (ПИЕ), а кој, според нивните претпоставки, бил во употреба околу 3500 година п.н.е. Од некоја причина, литванскиот јазик задржал повеќе гласови и граматички правила од пра-индоевропскиот јазик од кој било друг сроден јазик и затоа може да се смета за еден од најстарите јазици во светот.

Фарси

За оние кои можеби не знаат, фарси е јазик што се зборува, меѓу другото, во денешен Иран, Авганистан и Таџикистан. Секој има слушнато за персискиот јазик, а првата асоцијација е веројатно слика на духови кои излегуваат од шише. Всушност станува збор за ист јазик, но со различни имиња. Фарси потекнува директно од стариот персиски јазик, јазикот на Персиското царство. Современиот персиски јазик е формиран околу 800 година н.е., и тој се разликува од многу современи јазици, меѓу другото, во тоа што од тогаш се менува релативно малку. Луѓето кои денес зборуваат персиски многу полесно читаат списи на персиски од 900 година, отколку што луѓето од англиското говорно подрачје го читаат Шекспир.

Исландски јазик

Уште еден индоевропски јазик, овој пат од северногерманската група. Многу германски јазици ги изгубиле карактеристиките што ги имаат другите индоевропски јазици, но исландскиот имал поконзервативен развој и ги задржал повеќето од тие карактеристики. Дури ни данската управа (од 14-ти до 20-ти век) немала големо влијание врз јазикот, што не се променил многу откако Викинзите го населиле островот.

Македонски јазик

Семејството на словенските јазици, кое, меѓу другите, ги вклучува руски, полски, чешки и хрватски јазик (н.з. како и македонскиот), е релативно младо. Тие започнаа да се одделуваат од нивниот заеднички предок, прасловенскиот јазик, кога браќата Кирил и Методиј го стандардизираа јазикот, создавајќи го јазикот денес познат како староцрковнословенски јазик, како и соодветната азбука. Браќата го рашириле јазикот на север во 9 век, кога започнале со мисија да ги покрстуваат Словените. Кирил и Методиј биле од северот на Грција (денешна Македонија), така што македонскиот (заедно со сродниот бугарски) најмногу личи на староцрковнословенскиот јазик.

Интересно е што „Culture trip“ под објаснувањето за македонскиот јазик дополнително ја ставаат и следнава забелешка: „Следејќи ги коментарите во врска со сложената историска врска меѓу Македонија и Бугарија, ние од ‘Culture trip’ би сакале да истакнеме дека, и покрај сложеноста, надвор од овој регион преовладува академскиот консензус дека бугарскиот и јазикот познат како македонски се разликуваат. Ако не ни верувате, прочитајте ја историјата на македонскиот јазик“.

Фински јазик

Најстарите документи на фински потекнуваат од 16 век, но, како и секој друг, овој јазик има многу подолга историја. Тоа е јазик од унгрофинска групата, која исто така вклучува естонски, унгарски и неколку јазици што ги зборуваат малцинства во Сибир. Како и да е, финскиот јазик има неколку позајмици, кои биле преземени од други јазични семејства низ вековите. Овие заемски зборови честопати се поблиску до оригиналната форма на фински јазик отколку на јазикот од кој се земени. Зборот „aitl“, на пример, што значи „мајка“, потекнува од готскиот јазик, кој денес никој не го зборува. Зборот „kuningaz“ (крал) потекнува од германскиот збор „kuningaz“, кој повеќе не постои во ниту еден германски јазик.

Грузиски јазик

Главните јазици на трите јужнокавкаски држави – Ерменија, Азербејџан и Грузија – потекнуваат од три сосема различни јазични семејства: индоевропски, турски и картвелски. Грузискиот е најраспространет картвелски јазик и единствен во регионот на Кавказ кој има древна литературна традиција. Неговата убава и уникатна азбука е исто така стара – се верува дека е создадена во третиот век со адаптирање на арамејскиот јазик. Во рамките на Грузија има само четири картвелски јазици, на кои зборуваат малцинствата во оваа земја.

Ирски јазик

Иако е тој јазик што го зборува мало мнозинство од ирското население денес, тој има долга историја. Припаѓа на келтската гранка на индоевропските јазици и се користел во денешна Велика Британија и Ирска многу пред влијанието на германските јазици. Шкотскиот галски јазик и манкс (кој некогаш се користел на Островот Мен) се развиле од овој јазик, но тој се наоѓа на оваа листа затоа што има најстара народна книжевност од кој било јазик во Западна Европа. Додека остатокот од Европа зборуваше на нивните јазици, а пишуваа на латински јазик, Ирците избраа да пишуваат на нивниот јазик.

Подготвила: Наташа Илиевска-Таневски