Македонскиот документарец „Медена земја“ – во историјата на Оскарите!

1309

Најинтересните моменти од самата церемонија, изгледот на филмските ѕвезди, кој и каков говор одржал, како и самите одлуки на Американската филмска академија, е она што по доделувањето на престижните награди уште од првата одржана церемонија во 1929, па сè до денес се прераскажува и останува запаметено

Доделувањето на „Оскарите“, несомнено, е најгламурозниот настан во светот на филмот, церемонија која секогаш била проследена од најголем број светски медиуми и најкоментирана не само меѓу филмофилите туку воопшто од светската јавност. Најинтересните моменти од самиот настан, изгледот на филмските ѕвезди, кој и каков говор одржал, како и самите одлуки на Американската филмска академија, е она што по доделувањето на престижните награди се прераскажува цела година, но останува и запаметено.

Она што за македонската кинематографија ќе остане запаметено е што „Медена земја“ стана првиот наш филм номиниран за „Оскар“ во две категории – за долгометражен документарен и интернационален филм. Она што е уште поинтересно е, како што наведуваат од Агенцијата за филм, дека тој е и првиот документарец во историјата на Американската филмска академија номиниран во две категории.

Сниман во срцето на Македонија, ја прикажува медарката Атиџе, која се соочува со опасност кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство кое ќе се обиде да ѝ ја преземе трговијата со мед.

Филмот во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, своето успешно патување го започна на 38. издание на „Санденс“, САД, каде што ги доби наградите најдобар документарец, за кинематографија и „Impact and change“. Тој доби и многу други награди низ целиот свет, а се најде и на листите на најдобрите годинешни остварувања на многу значајни списанија како „Њујорк тајмс“, „Ролинг Стоун“, „Варајети”, „Венити феир“.

Првите „Оскари“ во 1929 пред публика од 26 луѓе

Од првите Оскари одржани на 16 мај во 1929 година во хотелот „Рузвелт“, во Холивуд, па сè до последното 92. издание кое ќе се случи на 9 февруари во Долби театарот во Лос Анџелес, се прераскажуваат најразлични гафови, пикантерии и занимливости. Така, првата година немало неизвесност бидејќи победниците биле познати три месеци однапред, а домаќини на манифестацијата биле актерот Даглас Фербенкс и режисерот Вилијам де Мил. Она што е интересно е дека првите оскари се доделени пред публика од 26 луѓе, не сметајќи ги добитниците. Тогаш „Оскарот“ го доби немиот филм „Крилја“ – романса од Првата светска војна, а тоа е и единствениот нем филм, кој ја има добиено оваа престижна награда. Во првите неколку години „Оскарите“ не привлекуваат многу внимание.

Во 1939 година – Академијата почнува наградата и официјално да ја нарекува „Оскар“. Иако официјално непотврдена, се зборува дека „кумата“ на името е вработената во Академијата, Маргарет Херик. Златната статуетка ја потсетила на нејзиниот вујко Оскар?!

Наредната 1940 година – Хети МекДаниел е првата црномуреста актерка која го освоила „Оскарот“ за глума. Таа ја освои наградата за најдобра споредна актерка во филмот „Однесено со виорот“. На доделувањето, таа морала да седне на посебна маса. Оттогаш поминале 51 година сè додека друга црна жена не ја добие оваа награда. Станува збор за Вупи Голдберг за споредна улога во филмот „Дух“.

Во 1953 година  „Оскарите“ првпат се емитуваат на Телевизија. Водителот Боб Хоуп тогаш рече: „Зарем не е прекрасно што овие гламурозни ѕвезди ќе бидат во вашите домови вечерва?“

Сидни Поатје станува првиот црн актер кој освои „Оскар“ за глума, за улогата во „Полски лилјани“, а тоа се случува во 1963 година.  Она што, пак, ќе остане запаметено во 1968 година е дека наградата на Академијата е одложена за два дена поради атентатот врз Мартин Лутер Кинг на 4 април.

Околу самото доделување на наградите интересен е и фактот што во 1969 година по прв и единствен пат се случи Академијата да додели две награди за најдобра актерка. Кетрин Хепберн доби „Оскар“ за „Зимата на еден лав“ и Барбра Стрејсенд за „Смешната девојка“.

За првпат одбиена Златната статуетка

Колку и да се работи за престижна и најпосакувана филмска награда, во историјата на „Оскарите“ се случило статуетката да биде одбиена?!

Во 1973 година – Марлон Брандо ја освои наградата за најдобар актер како Вито Корлеоне во „Кум“, но ја бојкотира наградата незадоволен од начинот на кој се прикажуваат Индијанците во филмовите и телевизијата. Сашин Литлфедер, индијанската активистка, се појави на сцената облечена во традиционална облека на Апачи племето, но одби да ја прими златната статуетка.

Во 2002 година – Хали Бери станува, и сè уште е, единствената црномуреста жена која го освои Оскарот за најдобра актерка. Таа ја посвети наградата на „сите безимени црни жени кои добија шанса, бидејќи од оваа вечер вратите им се отворени“.

„Господарот на прстените: Враќањето на кралот“ е наслов на филмот кој во 2003 година победи во сите категории во кои беше номиниран. Тој е третиот филм во историјата кој освои 11 „Оскари“, заедно со „Титаник“ во 1997 и „Бен Хур“ во 1959. Истата година, Роман Полански ја освои наградата за најдобар режисер за филм поврзан со холокаустот „Пијанист“, но не може да присуствува на церемонија во Лос Анџелес бидејќи Соединетите американски држави го бараат за силување на малолетничка во 1977. Публиката реагираше со станување и долготраен аплауз.

Годината 2009 ја одбележа уште една одлука на Академијата, која дотогаш не се случила, Кетрин Бигелоу стана првата жена што ја освои наградата за најдобар режисер за филмот „Катанец за болка“.

И наредните години се случиле многу други интересни пикантерии, гафови и одлуки кои предизвикале бурни реакции.

Во 2013 година – Џенифер Лоренс се сопна и падна додека се искачуваше на сцената за да добие статуетка за најдобра актерка за филмот „Во добро и зло“. Публиката ја поздрави со стоечки овации, на кои Лоренс се пошегува дека „ракоплескаат само затоа што паднала“.

А 2016 година ќе се памети по тоа што втора година по ред, сите номинирани во 20 категории се белци. Ова предизвика критики и кампања на социјалните мрежи #OscarsSoWhite. Академијата одговори со најавување план за зголемување на бројот на жени и припадници на малцинствата меѓу своите членови. Таа година Леонардо ди Каприо конечно го доби долгоочекуваниот „Оскар и тоа за најдобар актер. Еден од гафовите од поскоро време е и замена на ковертите со имињата на добитниците.

Во 2017 година „Месечината“ стана првиот најдобар филм во кој глумат само црнци, но поради замената на ковертите, наградата прво му беше доделена на мјузиклот „Ла ла земја“.

Музичкиот настап на Бредли Купер и Лејди Гага, пак, ги одбележа „Оскарите“ во 2019 година. Песната „Shallow“ од филмот „Ѕвездата е родена“, која доби Оскар за најдобра оригинална песна, на сцената беше изведена од страна на главните протагонисти на овој филм, Бредли Купер и Лејди Гага. Тие песната ја испеаја со многу емоции, погледи еден во друг и нежности кои не останаа незабележани, што предизвика бурни реакции кај публиката. По настапот, но и по разделувањето на Купер од неговата сопруга Ирина Шајк, во медиумите се шпекулираше дека тоа е поради Лејди Гага. Но неодамна, излезе уште една информација во која Леди Гага призна дека интимниот настап со Бредли Купер на Оскарите бил само глума…

Татковината на „Медена земја“ најпребарувана на „Гугл“

 Македонија е најпребарувана локација поврзана на наградите „Оскар“ во моментов на „Гугл“, што се должи на „Медена земја“, документарецот кој е номиниран во две категории.

„Северна Македонија, татковината на номинираниот за Оскар, ‘Медена земја’ е топ-место на Земјата, според пребарувањата за наградите“, се наведува во твитот на твитер-налогот на „Гугл трендс“.

Атиџе – вистинска ѕвезда во Холивуд

Според агенцијата „Франс прес“, која деновиве ги пренесува случувањата поврзани со доделувањето на Оскарите, Атиџе Муратова, медарката од македонскиот документарец „Медена земја“ е “вистинска ѕвезда во Холивуд, на улица ја застануваат холивудските ѕвезди, а на Сара Џесика Паркер ѝ ја предвидела иднината гледајќи ѝ на кафе.“

„Франс прес“ својата статија за „Медена земја“, меѓу другото, ја започнува и со зборовите „на Оскарите, в недела, внимавајте на Атиџе Муратова. Не можете да ја одминете. Таа ќе биде единствената македонско-турска гостинка облечена традиционално меѓу ѕвездената публика во Долби театарот во Холивуд“.

Ова за „Франс прес“ го потврдува и продуцентот на македонскиот документарец Атанас Георгиев. „Луѓето ја обожаваат. Таа стана ѕвезда. Немаме друга опција освен да се справуваме со тоа“, вели Георгиев. Тој за агенцијата додава „Таа е остроумна, многу интелигентна и зборува четири јазици од различни јазични групи: турски, македонски, албански и влашки“. Тој додава и дека голема заслуга за феноменалниот успех на филмот има „прекрасното срце“ на Атиџе, но и дека „им помогнала и магијата од нејзината мајка ‘кралицата пчела’ на филмот.

„Мислам дека ни направи некаква магија за да внимаваме на нејзината ќерка откако ќе почине“, вели тој.