Македонската плата расте најбрзо во Европа, а никако да стигне да ја наполни потрошувачката кошница

Државниот завод за статистика пресмета раст на платите лани во однос на преклани за 5,4 проценти со што просечната нето-плата по работник во декември се искачи на 28.394 денари. Најдобро платени се програмерите, во просек со 76.223 денари, а најслабо вработените во заштитните и истражните дејности каде што просекот е 15.933 денари. Од вкупно 96 дејности кои ги обработуваат статистичарите, лани намалување на платите има само во осум 

170

Платите на македонските работници растат најбрзо во Европа. Економската криза и пандемијата не го попречија растечкиот тренд, но и покрај тоа, ни минималната, ни просечната плата не можат да сеодлепат од европското дно, ниту пак да ги покријат минималните потреби на просечното македонско семејство.

Државниот завод за статистика пресмета раст на платите лани во однос на преклани за 5,4 проценти, односно за 1.458 денари, со што просечната нето плата по работник во декември се искачи на 28.394 денари. Од вкупно 96 дејности кои ги обработуваат статистичарите, намалувањена платите има само во осум. Најмногу, речиси за 20 проценти паднале платите на вработените во филмската дејност, видеопродукцијата и телевизиската програма и во фирмите од областа на туризмот. Пад на платите е регистриран и во лизинг компаниите, во спортските и рекреативните дејности, во фирмите за поправка на компјутери и апарати за домаќинства, во хотелиерството, во воздухопловниот транспорт и во дејностите за складирање.

Најголем раст на платите има во управувачките дејности и во библиотеки, архиви, музеи и други културни дејности. Таму платите за една година се зголемиле за 20 проценти. Сепак, растот на просечната плата по кој Меѓународната организација на трудот не рангира на второ место во светот, веднаш зад Канада,  го диктира некој друг. Компјутерските програмери се на врвот на табелата. Нивната плата не престана солидно да расте и во текот на минатата пандемиска година. Порасна за над 10 проценти и надмина 1.000 евра. Во декември лани компјутерските програмери во просек земале по 76.223 денари. Со висок просек на платите, кој надминува 50 илјади денари, може да се пофалат и вработените во телекомуникациската дејност, додека во финансиските дејности просечната плата е околу 49.000 денари. Здравствените работници, кои во текот на минатата година беа најангажирани од сите во државата во декември оствариле просечна плата од околу 34 илјади денари, додека во фармацевтската дејност просекот достигнал околу 48.000 денари.

На другиот крај на листата се заштитните и истражните дејности каде што се исплатени најмалите плати од 15.933 денари. Веднаш зад нив се работниците во кожарската индустрија со просечни 16.777 денари. Најпогодените од кризата, вработените во угостителството и туризмот во декември земале во просек по 17.697 и 17.187 денари, а тука некаде се и конфекционерите со 18.184 денари.

Мотивиран од растот на просечната плата и во кризниот период премиерот Зоран Заев најави понатамошно зголемување на примањата на македонските работници, како заложба на власта.

– Посветени сме на покачување на платите за да стигнеме до 34.000 денари во следните четири години, со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата, напиша тој на Фејсбук.

Синдикалците, пак, не се задоволни, па бараат промена на политиката на креирање на најниските плати.Сојузот на синдикатите на Македонија се залага минималната плата да порасне на 60 отсто од просечната плата со образложение дека така е во европските држави. ССМ преку своите пресметки за минимална потрошувачка кошница открива и колку всушност во реалноста вреди најбрзорастечката просечна плата во Европа. Со просечната декемвриска плата воопшто не можеле да се покријат минималните трошоци за егзистенција. Недостигаат повеќе од 5.000 денари. Минималната потрошувачка кошница не може да се наполни ни со две минимални плати.

(С.В.)