Македонската дуодрама „Кенди“, во изведба на театарот „Златен Елец“ од Скопје, Македонија, на меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш, Р Србија, ја доби наградата за најдобра претстава.
Жирито во состав Франко Унгаро, Наташа Гвозденовиќ и Ана Тасиќ, по шест изгледани претстави во натпреварувачката програма, ја донесе одлуката наградата подеднакво да им се додели на продукциите „Кенди“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, на театарот „Златен Елец“ (Македонија), и „Големиот спектакл на крајот на светот“, на театарот „Ен Вол“ (Сардинија, Италија).
Наградата за најдобро користена музика ѝ е доделена на претставата „Other People’s Shoes (A Place Where Empathy Lives)“, која претставува британско-српска копродукција.
„Претставата ‘Кенди’ се издвои по својата вистинитост, која дава надеж за можностите на современиот театар, особено затоа што ја создадоа млади актери, чија енергија е невообичаено разорна, посветена и заразна. Повремено ја преминуваат границата меѓу изведувачот и гледачот, вовлекувајќи нè во просторот на играта, што нè прави посвесна, поангажирана публика, а тоа е особено важно бидејќи се работи за општествено важна и чувствителна тема. Музиката на Лука Тошев, која се изведува во живо, има деликатен интензитет, смисла за контраст, го зачувува просторот безбеден, со неизвалкана убавина во пеколот на зависноста, со која оваа претстава критички се занимава“, стои во образложението на жири- комисијата.
Инаку, ова е трета награда за „Кенди“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Претходно, претставата ги освои наградите: „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино и „Биш“ на фестивалот „Млад отворен театар“ во Скопје.
Во претставата играат актерите Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, а музиката е на Лука Тошев.