Македонската берза слави 25 години: Првиот промет бил 1,1 милион денари

37
Македонска берза, денеска прославува 25 години од основањето и успешно функционирање. Берзата е формирана 1996 година. Формирањето на берзата започнува со доаѓањето на странските консултанти во Македонија и отпочнуваат со проектот за формирање на берза. Се формира локалниот тим што работи на формирањето на берзата. Како резултат на сите интензивни активности 19 домашни финансиски институции (13 банки, 3 штедилници и 3 осигурителни друштва) потпишуваат Договор за основање на берзата на 13 септември 1995 година. Берзата е основана како непрофитно акционерско друштво под назив Македонска берза АД Скопје, со основачки капитал од 1 милон германски марки. Претходно, Комисијата за хартии од вредност позитивно го оценува барањето за основање на берза и дава формална дозвола за работа во август истата година. Основачите на Македонската берза се нејзините први членки. Воедно, до крајот на 1995 година, Комисијата организира обуки за работа со хартии од вредност за идните брокери и на почетокот на 1996 година ги издава првите лиценци за работа со хартии од вредност. Во оваа фаза процесот добива поддршка и од германската Агенција за техничка соработка GTZ, пренесува Пари.

Тој 28 март, пред две и пол децении, новата берзанска сала беше преполна.  Точно во 10 часот, претседателот Киро Глигоров, со три удара во ѕвоното означи почеток на работа на првата берза во македонската историја.

На тој прв ден на тргување се склучија 25 трансакции со 8 различни хартии од вредност и се оствари вкупен промет од 1,1 милион денари.

Четврт век потоа на Берзата се склучени вкупно околу 580 илјади трансакции со повеќе од 640 акции и над 30 обврзници, при што вкупната вредност на целокупниот досегашен промет изнесува над 3,9 милијарди евра.

Најголем предизвик што сеуште тешко се надминува е тоа што Берзата не е практично искористена и од корпоративниот и од јавниот сектор како пазарен механизам за нивно финансирање, но тоа е општа аномалија на економиите и на финансиските системи на сите пост-транзициски економии во регионот и пошироко.

Што се однесува до иднината, стратегијата на Македонската берза е јасно формулирана – одржување и зголемување на ефикасноста на организираниот пазар на хартии од вредност во Македонија, постојано ширење на лепезата на производи и услуги, што поголема интеграција со други сродни институции во земјата и други регионални пазари поради поголеми синергии и воведување на модерни технологии во работењето и максимално можна дигитализација.