Иако официјална потврда нема, странските музички портали веќе пишуваат за учество на Македонија на најголемо европско музичко шоу следната година. Тие посочуваат дека радиодифузерот Македонска радио-телевизија (МРТ) веќе објавил „документ“ за учество на Македонија на „Евровизија 2024“ во Шведска.
„Според програмата на радиодифузерот МРТ за 2024 година, Северна Македонија ќе се врати на Евровизија. Спомнувањето на македонската учесничка песна и музичките вредности на земјата се чини дека ја потврдија намерата на радиодифузерот да учествува во шоуто. Тие се повлекоа минатата година, повикувајќи се на финансиски тешкотии. Сепак, ја емитуваа емисијата во 2023 година и посочија дека немале намера отсуството да биде долго. Во документот се споменуваат и финансиски средства од 1.500.000 македонски денари (околу 25.000 евра) за учество на Евровизија и Детска евровизија“, пишува меѓу другото на сајтот escxtra.com, во текстот кој зборува за македонско учество на „Евросонг“
Во октомври Европската радиодифузна унија (ЕБУ) би требало да ја објави и официјалната листа на учесници за 2024 година.
Инаку, членарината од околу 260.000 евра секоја година се плаќа на ЕБУ, независно од тоа дали се учествува на Евровизија или не, додека котизацијата за учество е околу 50 илјади евра. Со тоа што Македонија не учествуваше на Евровизија минатата година, заштеди на парите за котизација, организација, промоција на песната, како и за учество на настанот.
Во текстот на сајтот escxtra.com е даден и историјатот за учеството на Македонија на Евровизија.
„Пред да прогласи независност, Македонија се натпреваруваше како дел од Југославија и во рамките на југословенскиот предизбор за Евровизија, а македонски композитори пишуваа песни за кандидати од другите југословенски држави. Македонските учесници не победуваа и СР Македонија беше единствена држава што немаше пратено претставник на Југославија на Евровизија. По стекнувањето независност во 1991 година, Македонија во 1996 година,
државата го испрати првиот претставник „Само ти“, отпеана од Калиопи на Евровизија 1996 година. Сепак, не успеа да се квалификува преку претквалификациската рунда. Првиот официјален претставник дојде подоцна во 1998 година, со Владо Јаневски и „Не зори, зоро“. Во Бирмингем тој се најде на 19. место со 16 поени. Со текот на годините, Северна Македонија имаше мешано евровизиско патување, со 9 финалисти од 21 учество и само еден во топ 10 пласман. Најдобар резултат дојде во 2019 година со враќањето на Тамара Тодевска, и нејзината емотивна балада ‘Горда’. За време на натпреварот во Тел Авив, таа заврши на седмото место со 305 поени“, потсетува овој сајт.
Последното учество на нашата држава на Евровизија беше во 2022 година. Нацијата ги избра Андреа и „Circles“, а на натпреварот во Торино таа се пласираше на 11-тото место со 76 бодови во полуфиналето.
Финалето на „Евровизија 2024“ ќе се одржи на 11 мај во Малме, а првото и второто полуфинале се 7 и 9 мај.