Македонија се мобилизира, иде корона вирусот

 Детален скриниг на сите патници што влегуваат во земјава...Министерот Филипче апелира до граѓаните да ги одложат сите патувања за Северна Италија доколку не се итни, бидејќи во Италија  најмалку шест лица починаа од корона вирус. Во земјава се пристигнати уште три лица од Кина кои се дел од фирмата „Синехидро“, што работи на автопатот Кичево–Охрид. Тие се прегледани уште на аеродромот, направени им се анализи и се чекаат резултати, а ќе бидат во карантин две недели

5043

Степенот на подготвеност  за заштита од корона вирусот се подигнува на повисоко ниво, почнува да се врши скрининг на сите патници кои влегуваат во државава на граничните премини и аеродромите во Скопје и во Охрид.

Вака одлучил министерот за здравство Венко Филипче и здравствените експерти, по одржаниот состанок со Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство. Повод за тоа е новонастанатата состојба на корона вирусот во Италија и неговото проширување во неколку области како Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања.

Министерот Филипче апелира до граѓаните да ги одложат сите патувања за Северна Италија доколку не се итни, бидејќи во Италија  најмалку шест лица починаа од корона вирус.

– Во интензивен контакт сме со нашиот конзул во Венеција. Во овој момент нема податоци дека имаме заболени или под опсервација наши граѓани во Италија. Го замоливме конзулот доколку постои механизам тој да биде известен ако некоја група наши граѓани сака да се врати во нашата земја и на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини, објасни Филипче.

Според министерот пристигнати се уште три лица од Кина кои што се дел од фирмата „Синехидро“ што работи на автопатот Кичево–Охрид. Тие се прегледани уште на аеродромот, направени им се анализи и се чекаат резултати. Тие ќе им се придружат на другите две лица кои што се во Кичево во двонеделен карантин.

-Во земјава нема  заболени од корона вирус-дециден е Филипче и дополнува дека од Милано ќе слетаат патници на Охридскиот аеродром каде ќе бидат пречекани од медицинска екипа и ќе бидат прегледани со бесконтактен топломер. 

Што се однесува за затворање на училиштата и градинките како заштита од ширење на сезонскиот грип, министерот потенцира дека анализите покажале дека заболените дечиња не биле само од грип, туку имало и други вирусни инфекции.

-Се следи состојбата со децата и учениците и доколку има потреба соодветно ќе се реагира – вели Филипче и дополни дека и за средношколските и апсолвентските екскурзии ќе се разговара.

Според него овие дополнителни мерки треба да произлезат од состанокот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) што треба да се одржи доцна попладне.

-На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба. На Скопскиот аеродром, термалната камера се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со безконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид – велат Филипче.

Тој нагласи дека доколку се јави потреба, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Инфективните клиники во Скопје и во Куманово, за што во моментов  има доволно реагенси за тестирање на корона вирусот.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита, да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете по секоја подготовка на храна, а при подготовка на месо и јајца, истите убаво термички да се обработат. Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло.

Исто така, да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни. Задолжително и често да се мијат раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол, да има заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката.

МНР: Нема заболени наши граѓани од корона вирус во Италија

Министерството за надворешни работи врз основа на информациите добиени од Генералниот конзулат во Венеција соопшти дека до овој момент нема заболени наши граѓани од корона вирусот.

– Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на корона вирусот, велат од МНР.

Од МНР препорачуваат зголемени мерки на претпазливост при патување во реоните Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања, а повеќе информации граѓаните може да добијат на travel.mfa.gov.mk.

Во зафатените италијански региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23.000 државјани на Северна Македонија.

Подетални информации околу развојот на состојбите, тие можат да добијат во Генералниот конзулат во Венеција на дежурниот телефонски број + 39 389 5837913 или е-маил venice@mfa.gov.mk

Според последните информации во Италија се потврдени 159 случаи на заразени лица со корона вирус.

МАСКИ НЕМА И НЕМА НИ ДА ПРИСТИГНАТ ВО МАКЕДОНИЈА

Во аптеките во земјава повеќе од две недели нема маски за заштита од вируси. Во продажба нема ниту обични така наречени хируршки маски, ниту против аерозагадувањето, ниту пак така наречени нано-маски кои беа актуелни пред некоја година кога имаше епидемија од Сарс.

Екипата на ВЕЧЕР беше во обиколка на неколку скопски аптеки од каде ни кажаа дека маски нема,а нема ни да добијат, бидејќи тие се дефицитарни на светско ниво.

-Маските што ги имавме ги испорачавме за Кина, каде во моментов тие се најпотребни – вели еден скопски фармацевт кон ни посочи дека обичните маски не штитат доволно, а за корона вирусот се неопходни нано-маски кои се специјализирани за оваа намена.

Министерот Филипче пак вели дека нема недостаток на маски во земјава.

-Во моментов  има доволно маски во сите амбуланти и болниците, при што сите здравствени лица се покриени, а се планира да се достават маски и на граничните премини за полицијата и за царината – вели министерот.

Епидемиолозите нагласуваат дека подобра заштита од маските е редовното миење на рацете и избегнување на контакт со лица кои киваат и кашлаат.

 

(В.Ма.)