Македонија под вршник – спуштете ролетни, пуштете ги климите и не излегувајте од дома!

Доаѓаат неподносливи горештини – од утре земјава ќе ја зафати портокалова фаза

803

Високите летни температури веќе се во полн замав, а уште нè чекаат и неколку топлотни бранови.

Во наредните пет денови, почнувајќи од денеска па сè до недела на 23 јуни, како што предупредија од УХМР, Македонија ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината. Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

Според УХМР, земјава е во жолта фаза, а веќе од утре поради натамошен пораст на температурите  ќе биде активно портокалово ниво.

Владата на барање на Министерството за здравство издаде препораки поради големите жештини кои ни доаѓаат, а имаат и високо ниво на УВ зрачење кое може да биде опасно не само за хронично болните и малите деца и другите ризични групи туку и за здравите луѓе.

Препорачано е да се ослободат од работните обврски најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години, градинките да не ги изнесуваат децата на отворено во период од 11 до 17 часот, а работодавците на вработените кои изведуваат работа на отворено, Владата ги потсетува дека имаат обврската за почитување на законите од оваа област, со оглед дека, како што се наведува одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници.

Меѓу препораките на Владата и на општините, Црвениот крст и Центрите за социјална работа да осигураат помош на  осамени, стари, изнемоштени и бездомни лица во регионите зафатени со топлотниот бран.

И Институтот за јавно здравје излезе со потсетување дека секоја година, високите температури влијаат врз здравјето на многу луѓе, особено на постарите лица, новороденчињата, луѓето кои работат на отворено и хронично болните.

Оттму известија дека и тие изготвиле препораки со кои на граѓаните им се советува за време на топлотните периоди, да избегнуваат излегување и вршење напорна активност за време на најжешкото време од денот од 11 до 17 часот, да внимаваат движењето надвор да им биде под сенка, да не ги оставаат децата или животните во паркирани возила, и доколку е потребно и можно, да поминат 2-3 часа на ден на ладно место.

-Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крем со заштитен фактор, капа и очила со заштита од УВ зрачење. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето, се вели во препораките од ИЈЗ.

Исто така Институотот за јавно здравје ги советува граѓаните да ги одржуваат своите домови ладни, но приота да водат сметка разликата во температурата меѓу просторијата и надворешноста да не биде поголема од пет степена, како и да го користст ноќниот воздух за да го оладат домот со природно проветрување кога надворешните температури ќе се намалат и да ја намалат оптовареноста на топлина во станот или куќата во текот на денот со користење на ролетни и исклучување што е можно повеќе електрични уреди.

Оттаму, меѓу другото, препорачуваат и граѓаните правилно да го хидрират своето тело, да користат светла, бела, лесна и лабава облека и постелнина, да практикуваат ладни тушеви или бањи и да пијат безбедна вода редовно, но и да избегнуваат пијалаци со шеќер, алкохолни пијалаци или кофеини.

Се дели вода и совети, се мери притисок – Црвен крст патролира низ Скопје

Од денеска, Црвениот крст на Град Скопје, со свои мобилни екипи составени од лекар или парамедик, патролира низ градот Скопје, дистрибуира вода, флаери со совети, а и мери притисок на граѓани што се жалат на тегоби, додека за потешките случаи е обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до нивниот дом. Ова се мерките за заштита на граѓаните од топлотниот бран, кој ја зафати нашата држава и ќе биде присутен во наредните неколку дена.
За деновите среда, четврток и петок, планирано е да излезат шест мобилни тима на терен, и тоа во периодот од 11:00 до 16:00 часот, и да се движат низ централното градско подрачје и покрај поголемите автобуски постојки. При тоа, ќе бидат ангажирани 20-мина волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, како и шест возила. Активностите ќе продолжат согласно со прогнозите за високите температури и се предвидени со акцискиот план на Црвениот крст на Град Скопје.Планот, меѓу другото, опфаќа и грижа за здравствената и за психофизичката состојба на бездомниците во Градот Скопје.
Во пунктот за бездомници во Момин Поток, ќе биде на располагање мобилниот телефон 071/223 972, за јавувања од граѓани за бездомници кои се погодени од топлотниот бран.

Зошто е толку топло во Југоисточна Европа?

Ветровите носат топол воздух и прашина од Северна Африка во источниот дел на Медитеранот и се главни виновници за овој топлотен бран од почетокот на јуни. Анализите на непрофитната организација „Climate Central“ покажуваат дека веројатноста за појава на екстремни горештини е пет пати поголема поради климатските промени и дека тоа ќе погоди најмалку 290 милиони луѓе.

Европа е континент што најбрзо се загрева во светот, покажа истражувањето на „Коперникус“, служба за климатски промени на Европската Унија.

Периодот на екстремно високи температури има големи последици за здравјето на луѓето. Заедничкиот извештај на Светската метеоролошка организација и на „Коперникус“, објавен претходно оваа година, покажа дека во изминатите дваесет години бројот на смртни случаи предизвикани од топлотни бранови е зголемен за триесет проценти во Европа.

Се чини дека и во остатокот од летото ќе биде слично. Службата за климатски промени на Европската Унија прогнозира дека јули, август и септември ќе бидат потопли од просекот.

– Последниот дел од летото во Европа, веројатно, ќе биде потопол од просекот во сите области, посув од просекот на југ и повлажен од просекот на крајниот север – наведуваат од „Коперникус“.

Во Мека и Медина – над 550 аџии починале од топлотен удар, илјадници побарале лекарска помош

Најмалку 550 муслимански аџии од Египет, Јордан, Индонезија, Иран и Сенегал починале за време на извршување на овогодишниот аџилак во Мека од топлотен удар, а илјадници други побарале лекарска помош поради колапс од високите температури, објави „Гардијан“.

Како што информираат дипломатски извори на Саудиска Арабија, меѓу загинатите има најмалку 323 Египќани и најмалку 60 Јорданци.

Саудискиот национален метеоролошки центар соопшти дека температурата во Големата џамија во Мека  достигнала 51,8 Целзиусови степени. Според странските медиуми, волонтери за време на аџилакот истураат вода врз аџиите и им делат ладни пијалаци, со цел да им помогнат да се изладат. Сепак, службите на итната медицинска помош, како што пренесуваат медиумите, биле блокирани од работа, носејќи инвалидски колички и кревети, со цел да им помогнам на колабираните аџии

Повеќе од еден и пол милион муслимански верници минатата недела пристигнале во Саудиска Арабија за да присуствуваат на овогодинешниот аџилак во Мека и Медина.