Македонија и Филипини воспоставија дипломатски односи

12

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот колега од Република Филипини, Теодоро Л. Локсин, потпишаа Заедничко комунике за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, соопшти МНР.

„Ваквиот чекор ги потврдува заложбите на Македонија за градење пријателски односи и воспоставување партнерства и со географски оддалечени земји. Отворањето на ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји нуди дополнителни можности за промоција на економските и трговските врски, како и зајакнување на досегашната успешна соработка на мултилатерално ниво“ – истакна министерот Османи.

Чинот на официјализирање на пријателството меѓу двете земји, што се реализираше на 76-тото заседание на Генералното Собрание на Обединетите нации, во Њујорк, наведуваат од МНР, претставува солидна основа за унапредување на дијалогот на сите нивоа, како и за градење на договорната рамка и развој на соработката во голем број области како културата, образованието, здравството и туризмот.
Република Филипини е 181 земја со која Македонија има воспоставено дипломатски односи.