Македонија има план за декарбонизација на државата

21

Македонија проектира 63 конкретни мерки што треба да се спроведат со цел нашата држава до 2030 година да постигне намалување на емисиите во воздухот за 51 процент, согласно Договорот од Париз.

– Патот за декарбонизација на државата е поставен, бидејќи намалување на употребата на јаглен е една од предвидените мерките и за тоа имаме конкретен план. Во негова реализација најмногу ангажман се очекува од ЕСМ и тие за тоа ја имаат нашата целосна поддршка. Предвидени се низа инвестиции и вложувања во развивање и употреба на соларната енегрија. Долгорочно, во однос на креирање на политики, во тек е изработката на Закон за климатска акција, што е во процес на хармонизација со другите закони и треба да биде финализиран до крајот на годинава – истакна министерот за екологија, Насер Нуредини на онлајн средбата на тема: „Праведна или „брза“ транзиција во С.Македонија“ што денес се одржа во организација Фондацијата Фридрих Еберт и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“.

Наша цел, истакна тој, е да се изработи закон што ќе биде реален и спроведлив во моментот на усвојување со оглед на комплексноста на областа што ја регулира.

– Посветени сме на реализација Зелената агенда и тоа преку праведна енергетска транзиција. Но, во однос на европските земји, нас се уште не ни се достапни средставата од Фондот за праведна транзиција на ЕУ. Во тој правец започнати се преговори соседните земји, како што е Грција за аплицирање со заеднички проекти во ЕУ, за намалување на употребата на јагленот – истакна Нуредини.

Министерот Нуредини потсети дека дополнително, а во соработка со Министерството за финансии, се изработуваат различни пакети за субвенционирање на компаните, но и индивидуалните домаќинства во делот на енергетската ефикасност и исфрлање од употреба на нееколошки начини на затоплување.