Македонската кошаркарска репрезентација со пораз од Естонија (73:69) на домашен терен ги стартуваше квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2025 година.

„Црвено-жолтите“ имаа сили само за првото полувреме, во кое постојано има имаа резултатската предност и на пауза заминаа со плус седум (43:36), но на стартот од вториот дел Естонија набрзина направи серија од 7:0 и израмни на 43:43, за потоа да поведе и да не ја испушти предноста до крај. На средина од последната четвртина дополнителен проблем за селекторот Александар Јончевски беше и повредата на Ненад Димитријевиќ, кој во тој момент беше најефикасен на теренот со 25 поени. Плејмејкерот во завршните минути стегна „заби“ и повторно влезе на терен, но очигледно не можеше да парира како во преостанатиот дел од мечот.

Токму Димитријевиќ беше најефикасен во нашиот состав со 25 коша, додека добра партија имаше и новиот натурализиран репрезентативец на Македонија, Итан Хап, кој запиша дабл-дабл со 18 поени и десет скокови.

За три дена нашата селекција игра уште еден натпревар од овој квалификациски прозорец, кога и гостуваме на Полска.