Земјите во регионот се зависни од јаглен и за сите нив голем предизвик ќе биде декарбонизацијата. Ова го истакна директорот за развој на инвестиции на АД ЕСМ, Виктор Андонов на Втората регионална конференција на еколошките и бизнис лидери „Look Up 2“, што се одржа на Копаоник, Република Србија.

Тој потсети дека Европската Унија има свој, амбициозен план за декарбонизација, а другите држави треба да го следат.

– ЕУ излезе со поамбициозен план, а тоа е јасен сигнал дека Европа оди во таа насока. Ние мораме тоа да го следиме тој пример ако сакаме да ја постигнеме нашата цел. И иако денес сите зборуваа дека ЕУ има малку пари за енергетска транзиција, деновиве на COP28 потпишавме меморандум со голем конзорциум меѓународни финансиски институции за фер енергетска транзиција, тежок околу 3 милијарди долари – истакна Андонов на панел-дискусијата.

Тој изрази задоволство од напредокот на енергетската транзиција во регионот и истакна дека во текот на последните четири години, капацитетот на фотонапонски централи се зголемил од 17 на 550 мегавати.

– Токму ЕСМ како компанија беше предводник на енергетската транзиција, преку првата фотонапонска централа во рудникот „Осломеј“, која е пример за земјите од регионот. Ако пред четири години некој ни кажеше дека целта беше да се зголеми капацитетот на 550 мегавати за само неколку години, никој немаше да верува во тоа, а денес веќе е реалност. Овој напредок е само почетокот на патот кон зелена енергија и декарбонизација, и пред нас сè уште ни престои долг пат кон остварувањето на целите на енергетската транзиција – рече Андонов.

Говорејќи за тоа што е постигнато во Македонија во однос на декарбонизацијата, тој рече дека државата е на добар пат кон побрза и полесна транзиција кон зелената агенда. Спомнувајќи ја стратегијата, Андонов потврди дека во моментов се развиваат и нови подзаконски акти токму за складирање енергија,односно за инсталирање на батерии, а паралелно се развива и нов законски пакет за енергетика со цел имплементација на Пакетот за чиста енергија.