На конститутивната седница на двете општини новите членови на Советите не се усогласија за писмената свечена изјава, на којашто наместо новото име на државата Република Северна Македонија стоеше Република Македонија. Случувањата на конститутивните седници на советите на Штип и Аеродром го загрижи МНР, кое преку соопштение повика на доследна примена на уставните и законските одредби за името на државата. Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ кон Преспанскиот договор се нема променето, но исто така и ја разбира постапката на советниците. „Градоначалниците ќе потпишуваат документи каде што нема да биде возможно потпишување без придавката, но ќе има простор како што ќе може да покажат пркос“, вели Јанушев. И дел од експертите сметаат дека користењето на името на Република Македонија без Северна не е обврска на локалната самоуправа пред отворање на поглавјето со Европската Унија
Новите советници во општините Штип и скопски Аеродром уште не седнати во општинските совети се скараа. На конститутивната седница, не се усогласија за писмената свечена изјава, на којашто наместо новото име на државата Република Северна Македонија стоеше Република Македонија. Во Штип, претставниците на СДСМ сметаа дека не треба да се оди против Уставот и побара правно толкување од службите, но откако мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ им го одбија барањето тие ја напуштија седницата. Затоа, свечена изјава со името Република Македонија, ја потпишаа 13 советници на ВМРО ДПМНЕ и еден на Левица. Останатите деветмина ќе чекаат да се коригира свечената изјава, па ќе ја дадат заклетвата на седница на Советот на општината.
Слична беше состојбата и во Аеродром, каде Левица соопшти дека нејзините советници, освен во Штип, свечена изјава на која стои името „Република Македонија“ потпишале и во Советот на Општина Аеродром.
-Меѓу другото, се бориме за сѐ помасовна употреба на уставното име усвоено со Референдумот од 1991 година, коешто формално правно е, и мора да биде во употреба, бидејќи промената на името после неуспешниот Референдум во 2018 е противуставна и спротивна на изразената волја на граѓаните! Поради ова, на денешната седница во Општина Штип, претставникот на Левица во Советот, остро застана зад позициите на ставот на Партијата – свечената изјава да биде потпишана како што е пропишана во Законот за локална самоуправа – односно, со името Република Македонија! Освен во Општина Штип, свечена изјава со правилното име – Република Македонија, беше потпишана и од страна на советниците на Левица во Општина Аеродром!, велат од Левица.
Случувањата на конститутивните седници на советите на Штип и Аеродром го загрижи МНР кое преку соопштение повика на доследна примена на уставните и законските одредби за името на државата.
– Од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот, се наведува во соопштението на МНР. Оттаму, потенцираат дека со ваквите постапки сериозно се нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на државата.
Коментирајќи ги случувањата во советите, Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ кон Преспанскиот договор се нема променето, но исто така и ја разбира постапката на советниците.
-За ова разбрав од медиумите, не знам што точно се случило. Ако е така, мислам дека одговорноста терба да се види во општинската изборна комисија, затоа што Уверенијата ги издава комисијата, а не градоначалникот. Нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не се променил. Преспанскиот за нас е завршена работа. Од друга страна, како некој што му пречи придавката, ги разбирам и овие потези. Не го гледам како нешто на кое што треба да му се дава преголемо значење, ниту да му се посветува преголемо внимание. Ако ова го гледаме како прекршување на Уставот, при промената на уставното име, зошто тогаш не го гледавме тоа како кршење на Уставот.
На прашањето како ќе функционираат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставното име Република Северна Македонија, Јанушев вели ќе го прифатат каде што ќе мораат.
-Градоначалниците ќе потпишуваат документи каде што нема да биде возможно потпишување без придавката, но ќе има простор како што ќе може да покажат пркос, вели Јанушев.
И дел од експертите сметаат дека користењето на името на Република Македонија без Северна не е обврска на локалната самоуправа пред отварање на поглавјето со Европската Унија.
– Според Преспанскиот додовор, сè додека не се отвори поглавјето во преговорите со ЕУ за Локална самоуправа името на државата е Македонија. Мнозинството население во Маскедонија е против промена на името, тоа се докажа и со референдумот. Не мора Северна да се употребува и кај што треба и кај што не треба, изјави во телевизиско гостување, екс-амбасадорот Ивица Боцевски. (Е.А.)