Кошаркарите на Орландо ја прекинаа победничката серија на Лос Анџелес Лејкерс  од девет триумфи во НБА лигата, откако на гостински терен славеа со 119:118.

И четврти меч по ред Лејкерси играа без една од ѕвездите, Ентони Дејвис, кој се рехабилитира од повреда, а ниту учинокот на Леброн Џејмс од 19 поени и исто толку асистенции не беше доволен да се избегне поразот.

Сепак, од спротивната страна, одлична партија запиша веќе отпишаниот Маркел Фулц, за кого се зборуваше дека е еден од најголемите промашувања во историјата на НБА лигата. Тој го постигна својот втор трипл-дабл во кариерата, запишувајќи 21 поен, 11 скокови и 10 асистенции, но беше одличен кога се решаваше победникот на овој дуел.

Инаку, Маркел Фулц беше избран од Филаделфија како прв пик на НБА-драфтот, а од него се очекуваше многу, но се случи спротивното. На самиот почеток на неговата прва сезона, беше јасно дека нешто не е во ред со него. Мистериозната повреда на рамото целосно го деформира неговиот удар и значително го ограничи на паркетот. Потоа, Филаделфија одлучи дека Фулц нема да игра сè додека не се открие што е со него и додека не се во нормала.

После тоа, повторно се врати на терен, стартувајќи ја минатата сезона како прв плејмејкер на „сисксерси“, но го загуби местото кога тимот направи трејд со Џими Батлер. На крајот беше откриено дека Фулц има нарушување со нервите помеѓу вратот и рамената, кои резултираат со болка и слабост во раката и значително ја намалува неговата подвижност, што на крајот влијае на механиката на ударот. Во колеџ – деновите, Фулц шутираше извонредно, во просек по 23.2 поени, 5.7 скокови и 5.9 асистенции, што го направи прв пик на драфтот.

Филаделфија се откажа и го трејдуваше во Орландо. Сите го отпишаа, иако навивачите во НБА лигата секогаш навиваа за него, но никој не веруваше дека Фулц може да ја спаси својата кариера во НБА. Со овој трипл-дабл докажа дека е на вистинскиот пат.

Резултати: Бостон – Детроит 103:116, Филаделфија – Бруклин 117:106, Мајами – Сан Антонио 106:100, Чикаго – Вашингтон 115:106, Минесота – Индијана 99:104, Оклахома – Торонто 121:130, Денвер – Шарлот 100:86, Хјустон – Портланд 107:117, Сакраменто – Далас 123:127.