Луди цени на зелените пазари: Три кила калинки 100 денари, кило кромид 50 денари

127

Големата понуда на сезонски производи, како на пример есенско овошје и зеленчук за зимница отвори вистинско шаренило на нелогични цени на зелените пазари.

Така, домашните калинки, кои обично ги има само еден месец, па кога ќе се појават се меѓу најскапите производи, на Зелено пазарче во Скопје, сега може да се купат по цена од 100 денари, но за три килограми. За килограм цената им се движи од 35 до 40 денари. Од друга страна, за 50 денари има и килограм кромид. Продавачот го рекламира како првокласен. Инаку, стандардна цена на кромидот е 30 до 40 денари. За 50 денари има и килограм морков, но на најголемиот дел од тезгите цената е 40 денари. Највоедначена цена има зелката која речиси без исклучок се продава по 40 денари за килограм. И зелената салата поскапе. Се продава по цена од 30 до 50 денари.

Вртоглав раст на цената последниов месец има и компирот. Крупниот секаде се продава по 40 денари за килограм, но поситен може да се најде и за 30 денари. На овој пазар лоциран во строгиот центар на Скопје на повеќето тезги кило црвена пиперка за ајвар чини 40 денари, но некои ја продаваат и до 60 денари. Зелената пиперка за пржење, пак, може да се најде и за 25 денари, додека цената на покрупната права пиперка е до 60 денари. На поголемиот дел од тезгите и везените пиперки, кои секогаш биле скапи, сега се продаваат по 30 денари за килограм. За овој период од годината ниска цена има и црвениот домат. Најскапиот е 60 денари, а го има и за 30 денари килограм. Пиперките и доматите,  всушност се уште се продаваат по цените од летоска, а ги има во изобилство. Така е и со краставицата, која чини 40 денари килограм, за разлика од летоска кога имаше периоди кога се продаваше и за 60 денари.

Најниската цена на килограм лук е 200 денари, а главица чини 20 до 30 денари. Корен целер е 50 денари, а китка магдонос 10 до 15 денари. Деновиве полека се спуштаат цените на дел од сезонскиот зеленчук за зимница. Краставичките за зимница, односно корнишоните од минатонеделните 80, сега се продаваат за 40 до 60 денари, а цената на карфиолот од исто така 80, сега се спушти до 40 денари за килограм. Брокулата кај која обично има најголеми варијации, сега подолго време држи цена – најмалку 120 денари за килограм. Парче модар домат е 10 денари, а ситните се продаваат и пет за 20 денари.

На пазарите се појави и младиот грав. Оној што продавачите го претставуваат како тетовски има фантастична цена од 250 денари за килограм, додека поситен може да се најде и за 230 денари. Килограм тиква е најмалку 30 денари, а кочанскиот ориз се продава по стандардни 80 денари за кило. Врзоп праз е речиси секаде 50 денари.

Костените се од 120 до 150 денари, а иста е и цената на оревот во лушпа. Од овошјето, исто како и во маркетите, бананата има цена од 60 денари, мандарината е 60 денари килограм. Мал пад има кај цената на јаболкото. Во зависност од сортата се продава за 35 денари или три килограми за 100 денари, но на повеќето продавачи вчера цената ја  спуштија на 25 денари. Непрсканото јаболко, пак, се нуди по цена од најмалку 50 денари, а на една тезга забележавме и цена од 100 денари за килограм. Крушите веќе ги нема за 50 денари како минатата недела, туку се продаваат по цена од 70, 80, па и 100 денари.

Трговците со тезги на зелените пазари велат дека цените се диктираат на кванташките пазари од каде што ги прават набавките.

-Некогаш цената е толку висока што сме принудени да работиме без или со занемарлива заработка, само за да не ги изгубиме муштериите, вели еден продавач на зеленчук на скопското Зелено пазарче.

Продавачите на сопствени призводи пак, појаснуваат дека биле принудени да поскапат зашто поради сушата летоска потрошиле многу вода, но и покрај тоа, дел од родот им останал исушен на нивите.

(С.В.)