Лошите одлуки на политичарите и неможноста да се докажат ги бркаат мозоците надвор

Одливот на мозоци е честа тема во земјите во развој, кое предизвикува страв дека земјата ќе остане испразнета од „човечки капитал“. Според најновите податоци за одлив на мозоци кој ги објави британски „Економист“, Македонија се наоѓа на осмо место во светот

187

Ниското ниво на култура, неможноста да се докажат и да променат нешто во општеството, бавниот процес за напредок во кариерата, партизирани институции, ова според експертите се клучните причини за иселување на високообразовани кадри од државата. Одливот на мозоци е честа тема во земјите во развој, кое предизвикува страв дека земјата ќе остане испразнета од „човечки капитал“. Според најновите податоци за одлив на мозоци кој ги објави британски „Економист“, Македонија се наоѓа на осмо место во светот.

Експертите во Македонија со поделени мислење околу тоа кој се главните причини за одлив на мозоци. За едни тоа се нискиот стандард и платите, а за други ниското ниво на култура, неможноста да се докажат и да променат нешто во општеството.

– Високообразовните кадри не се само луѓе кои излегле од факултет, туку и луѓе кои веќе работат и кои ги напуштаат своите работни места. Не станува збор само за платата бидејќи овие луѓе и тука имаат работат, се на добри позиции и добро заработуваат. Сметам дека тука пресудни се други фактори, како култура, јавни сервиси, јавни услуги кои се на многу ниско ниво. Кога станува збор за одлив на мозоци една од причините за нивниот одлив е што кај нас мозоците не можат да влијаат врз општествените промени, бидејќи политичарите се тие кои донесуваат одлуки, вели претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија, Миле Бошков.

Според него, поради ниската интелектуална култура во државата овие луѓе се ставени во сенка и чувствуваат дека не можат да се докажат и да придонесат за доброто на општеството. Поради тоа, сметам дека токму овие причини, а не платата се главен фактор за одлив на мозоци од нашата држава.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија,  Ангел Димитров, смета дека главна причина за иселување е што високообразовани кадри тука не можат да најдат соодветно платена работа, па во потрага по подобар живот ја напуштаат земјата и работат работи кои немаат врска со нивното образование.

-Имаме несоодветен образовен систем и младите многу лесно доаѓаат до диплома, посебно од општествените науки со која не можат да најдат работа тука. Овие луѓе во странство не работат на работни места за кои се обучени туку на многу пониски работни места, но за многу повисоки плати. Ние треба да го реформираме образовниот систем и да не произведуваме само високообразовни кадри без знаење, вели Димитров.

Од друга страна, тој смета дека ако сакаме да се зголеми стандардот, платите мораме да ја промениме структурата на стопанството и наместо високообразовни кадри без знаење да создаваме претприемачи кои ќе отвораат нови компании и ќе вработуваат луѓе. Димитров додава дека за поголема продуктивност потребна е промена на структурата на производство и наместо компании кои произведуваат производи со ниска додадена вредност да се отвораат компании кои применуваат висока технологија и кои произведуваат производи со висока додадена вредност.

Според ранг-листата на британски Економист на прво место по „одлив на мозоци“ се Хаити, потоа следи Венецуела, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Јемен, Молдавија, Македонија, Бенин и Србија.

Некои економисти оценуваат дека ваков тренд ги остава земјите во развој без оние луѓе кои им се потребни за да се извлечат од сиромаштијата. Друга струја смета дека стравот е неоправдан бидејќи парите кои емигрантите ги испраќаат на семејствата во татковината и новите вештини кои ги добиваат и ги носат со себе оние кои се враќаат, ја надминуваат штетата за земјата на потекло од нивното иселување.

(А.С.)