Лозарите го плаќаат цехот за расипаните пумпи стари над 50 години

Проблемите со наводнувањето во Тиквешко се повторуваат и годинава. Лозарите на крај го плаќаат цехот за расипаните пумпи, стари над 50 години, кои поради тоа што трошат многу струја ретко се употребуваат за наводнување. За да не трпат загуби, лозарите бараат поправките на дефектите да се прават на есен или во зима, а не во сезона на наводнување

45

Лозарите од Тиквешкиот регион и годинава имаат проблеми со наводнувањето на лозовите насади, дел од пумпите за наводнување се расипани, а на оние кој се во функција не се пуштаат постојано, бидејќи трошат многу струја. Освен со пумпите проблеми има и со системите за наводнување, во сезона на наводнување се вршат поправки на дефекти, а некои линии се целосно запрени. Поради проблемите со наводнувањето лозарите години наназад трпат загуби и сè уште се чека замена на пумпите кои се стари повеќе од 50 години.

-Годишно плаќам по 10.000 денари за вода, а користам вода само две недели во годината. И покрај тоа што во овој период имаше многу дождови сепак тие не се доволни за наводнување на лозовите насади. Веќе е јули и температурите се во пораст, пумпите не ги пуштаат, а има проблеми и со системите со наводнување. Овие проблеми треба да се средат пред сезоната за наводнување и лозарите да не трпат загуби. Вложив во систем капка по капка, а сега не можам да го користам, вели еден лозар од Кавадаречко.

И од Националната федерација на фармери потврдуваат дека проблемите со наводнување секоја година се повторуваат и покрај укажувањето на лозарите дефектите да се поправаат во есен кога грозјето е веќе набрано, а не сега.

-На еден месец до берба, кога е потребно лозјето да се наводнува се вршат поправки на дефектите на пумпите и на системите за наводнување. Сега ги сопираат линиите на системите за наводнување и вршат поправки во сезона за наводнување наместо тоа да го прават на есен или во зима кога нема работа.  Пумпите за наводнување, пак се стари повеќе од 50 години и треба да се заменат со нови. Од Министерството за земјоделство не уверуваат дека во тек е процедурата за набавка на нови пумпи, но кога истите ќе бидат ставени во функција сè уште не се знае. Проблемот со наводнувањето мора да се реши и лозарите да не трпат загуби, вели за ВЕЧЕР, Васка Мојсовска, од Националната федерација на фармери.

И од Здружението „Напредни лозари“ го потврдуваат проблемот и велат дека се прават рестрикции на вода, односно пумпите не се пуштаат постојано затоа што се стари и трошат многу струја. Лозарите и покрај тоа што немаат вода мораат да плаќаат годишно водарина 300 евра по хектар.

-Наводнувањето со пумпи е скапо и затоа се прават рестрикции. Водостопанство плаќа скапа цена на струјата и е во загуба со пумпните станици. За нас подобро е воопшто да не се користат пумпите за наводнување, бидејќи трошат многу струја. Ние бараме зелена струја, односно евтина струја која ќе се користи за пумпните станици за наводнување. Ова го бараме подолго време и веќе добивме позитивни сигнали од повеќе државни институции, велат од АД „Водостопанство„.

Од „Напредни лозари“ бараат уште пред откупот да се одреди минималната откупна цена на грозјето, која за годинава бараат да биде 15 денари за „смедеревка“ и 17 денари за „вранец“.

(А.С.)