Линданот од ОХИС преку Солун ќе патува за Франција

385

Отстранувањето на малата токсична депонија ќе почне идниот месец. Процесот на чистење ѝ е доверен на грчката фирма „Полиеко“, а со оглед на тоа што станува збор за токсичен отпад, Нуредини вели дека жителите на населбите во близина на ОХИС навреме ќе бидат известени кога ќе се почне со имплементација на планот за ремедијација на оваа локација.

„Полиеко“ треба да отстрани вкупно 450 тони отпад со висококонцентриран линдан спакуван во буриња, како и уште 200 тони контаминирана почва да се препакува во специјализирани контејнери. Транспортот на отпадот ќе се одвива од локацијата во ОХИС и преку граничниот премин „Богородица“ до Солунското пристаниште, а од таму со брод до Франција до компанијата за горење на отпад  „Фос Сур Мер“. Контаминираната почва, пак, ќе се носи до Солун, а оттаму со брод до пристаништето во Ротердам, Холандија, а ќе се преработи во компанијата „АТМ“

Отстранувањето на линданот што се наоѓа во малата депонија во дворот на ОХИС ќе почне идниот месец и процесот, како што најави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, ќе трае една година. Процесот на чистење ѝ е доверен на грчката фирма „Полиеко“, а со оглед на тоа што станува збор за токсичен отпад, Нуредини вели дека жителите на населбите во близина на ОХИС навреме ќе бидат известени кога ќе се почне со имплементација на планот за ремедијација на оваа локација.

„Полиеко“ треба да отстрани вкупно 450 тони отпад со висококонцентриран линдан спакуван во буриња, како и уште 200 тони контаминирана почва да се препакува во специјализирани контејнери. Транспортот на отпадот ќе се одвива од локацијата во ОХИС и преку граничниот премин „Богородица“ до Солунското пристаниште, а од таму со брод до Франција до компанијата за горење на отпадот  „Фос Сур Мер“. Контаминираната почва, пак, ќе се носи до Солун, а оттаму со брод до пристаништето во Ротердам, Холандија, а ќе се преработи во компанијата „АТМ“.

ОД МЖСПП велат дека Владата неодамна го одобри Планот за ремедијација на локацијата во ОХИС.

– За динамиката на реализација на предвидените активности за расчистување на малата депонија со линдан, како и за заокружување на целиот процес на расчистување на локацијата од оваа опасна хемиска материја, со вклучување на Мултипартнерскиот фонд за животна средина за ОХИС, со кој управува УНОПС, министерот Нуредини имаше средба со Михела Телатин, директорка, и Венелин Ранглов, советник за поддршка во управување со проекти на Канцеларијата за проектни услуги на Обединетите нации (УНОПС) – информираат од МЖСПП. 

Инаку, на терен во тек се подготвителни работи за почеток на копањето на линданот, што според планот опфаќа и контролни листи што ги опишуваат мерките што треба да се преземат во итни случаи и кои треба да се користат како водич при управувањето и соодветниот одговор, како и за минимизирање на несакани ефекти при реализација на активноста.

Тие предвидуваат зонирање и обележување на локацијата, поставување на шатор преку малата депонија со интегрирани единици за негативен притисок и филтри за прочистување на воздухот (ХЕПА и филтри со активен јаглен), како и друга опрема за пакување и ракување, бидејќи ќе се работи во затворен простор, а со цел да се спречи излегување на мирисот надвор и евентуални токсични емисии во воздухот.

За таа цел, денеска од Кралството Норвешка беше донирана нова опрема на Лабораторијата за хроматографска анализа на Институтот за хемија при Природно-метематичкиот факултет во Скопје. Опремата ќе служи за мерење на загаденоста на воздухот и почвата за време на процесот на чистење на линданот и неговите изомери.

– Благодарност до Кралството Норвешка што го поддржа Институтот за хемија при ПМФ со донирање на специфични инструменти кои ќе ни овозможат мерење на загаденоста на земјиштето и на воздухот, но и прочистување на загаденото земјиште и воздухот – истакна Нуредини.

Заменик-амбасадорот на Норвешка, Геир Јохансен истакна дека се донирани 1,5 милиони евра за санација на загаденото земјиште со линдан.

– Во рамки на проектот Нордик прогрес ние успеавме да донираме опрема со која може да се мери степенот на загаденост на земјиштето во пределот на ОХИС. Оваа опрема што ја дониравме ќе му овозможи на Институтот да се прават точни мерења, исто така и да се стекне поголем легитимитет за научните наоди – порача Јохансен.

Марина Стефова од Институтот за хемија рече дека е насочена за анализа на органохлорни пестициди, во примероци од почва и воздух за време на процесот на чистење за останатиот линдан и неговите изомери во фабриката ОХИС.

– Лабораторијата за хроматографски анализи функционира повеќе од 20 години и го има потребното искуство и знаење за изведување на овие анализи и токму со оваа нова опрема сега всушност ќе одиме и во една насока на истражување и мониторинг токму на овие загадувачи – наведе Стефова.

Ремедијацијата на локацијата во ОХИС е финансирана од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) и од страна на нашата Влада. МЖСПП во буџетот за 2021 година има обезбедено финансиски средства во висина од 43.650.000 денари за реализација на потребни активности на проектот. Целата оваа активност, со ремедијацијата на дел од депонијата до уништување, чини близу 2 милиони евра. Остатокот од малата депонија ќе биде исчистен од средствата кои се собираат во Мултипартнерскиот фонд со кој управува УНОПС.

(С.Бл.)