„Лидл“ чекори кон Македонија, земјоделските производи полесно ќе стигнуваат до европските трпези

2425

Влезот на германскиот ланец на супермаркети „Лидл“ на македонскиот пазар е многу важен за државава, бидејќи преку него земјоделските производи полесно ќе стигнуваат до европските трпези. Заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф очекува „Лидл“ да инвестира многу пари и да отвори мноштво работни места во Македонија.

– „Лидл“ е инвестициски партнер, чекориме напред, но не се наоѓа во крајна фаза. Оптимисти сме, сметам дека „Лидл“ во секој случај ќе инвестира многу пари и ќе отвори многу работни места. Не смее да се потцени дека еден ваков супермаркет ќе направи голема инвестиција, но сметам дека е многу битно за самата држава да се понудат земјоделски производи преку „Лидл“ во цела Европа – истакна Граф на презентацијата на истражувањето за деловната клима на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, АХК и Македонско-германското стопанското здружение.

Тој смета дека колку повеќе земјава се приближува кон Европската  Унија, толку побитна ќе биде темата за земјоделие, бидејќи ќе се постави прашањето како ние како мала држава може да опстанеме на европскиот пазар, а еден од начините е со продажба на земјоделски производи во цела Европа.

– Сметам дека ова е мошне битно за луѓето во државата – оцени заменик-амбасадорот Граф.

Нашите граѓани со нетрпение го очекуваат првиот маркет на „Лидл“ во земјава, а, во меѓувреме, масовно пазарат од маркетите на „Лидл“ во Грција, но и во соседна Србија, во која е присутен од 2018 година, се разбира, кога ќе имаат можност да ги посетат тие држави. Најмногу продавници „Лидл“ има отворено во Бугарија.

Пред половина година премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи остварија работна средба со претставници на „Лидл“, како од националниот тим така и со претставници на меѓународниот Управен одбор. Тогаш Ковачевски изјави дека „Лидл“ интензивно работи на подготовките за започнување со ефективна работа во нашата земја и веќе има вработено 80 лица.

Во меѓувреме продолжија преговорите за купување на локации во Гази Баба и Кисела Вода за изградба на маркети и дистрибутивен центар. Неофицијално се лиферуваше информација дека првиот маркет на „Лидл“ ќе никне на местото на „Бриколаж“, кој пак, веќе се пакува и ќе се сели во објектот карши каде што до неодамна беше супермаркетот на „Тинекс“.

Се шпекулира и дека „Лидл“ веќе купил парцели во Кавадарци и во Битола.

Во февруари 2021 година, „Лидл“ ја регистрираше својата компанија во Македонија, во скопски Центар, со влог од 500 илјади евра, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Оттаму објавија дека имаат пикирано локација за својот логистички центар на земјиште од околу 200 илјади квадратни метри на територијата на Општина Куманово, за што би инвестирале 80 милиони евра и вработување на повеќе од 150 лица. Инвестицијата само во логистичкиот центар е околу 80 милиони евра и вклучува намера да се обезбедат повеќе од 150 вработувања.

Во однос на германската инвестиција со ветериниците, најавена во време на поранешниот премиер Зоран Заев, Граф рече дека проектот политички е одлучен, но се уште чекаат на крајниот  потпис.

– Доста сме оптимисти дека наскоро ќе го добиеме, но во основа тоа би било навистина најголемата германска инвестиција спроведена некогаш тука и мошне сме заинтерсирани за ова. Секојдневно сме во преговори, недостигаат последните детали и во секој случај сме доста оптимисти – рече Граф.

(С.Бл.)