Лидерска средба е опција за лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија, но не можат да се согласат околу точката на дневен ред. Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, е за лидерска средба на која би се разговарало за уставните измени, додека претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски би се согласил на средба со една единствена точка – одредување на датум за избори. Премиерот Ковачевски и денеска порача дека лидерска средба може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтеграциите. Ковачевски истакна дека е значајно за државата да продолжи со евроинтеграциите и од економски и од аспект на геостратешко позиционирање.
-Сметам дека ги застапуваме западните вредности и дека тоа треба да го валоризираме со членство во Европската Унија, пред се, заради нашите граѓани. Затоа разговорите ќе продолжат на сите нивоа со цел да се обезбеди поддршка на овој исклучително значаен процес. Лидерска средба може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтеграциите на која ќе се разговара за аргументите, а пратениците и онака секојдневно имаат директна комуникација во Собранието. Ние не бараме поддршка за Владата и мене не ми треба поддршка од опозицијата за мене лично. Опозицијата постои за да не го поддржува премиерот и да не ја поддржуваат Владата, но има одговорност да ја поддржи визијата, целта и стратегијата на граѓаните и на државата во кој правец ќе се движи, рече Ковачевски.
Тој ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека досега не поддржала ни една стратешка одлука на државата. Според премиерот, токму сега е моментот кога треба да се охрабрат барем еднаш да поддржат стратешка одлука со која, како што рече, ќе се обезбеди подобра иднина за граѓаните. Според Ковачевски, последната лидерска средба била успешна, но ВМРО-ДПМНЕ не го потврдила договореното.
-Но, она што беше јавно кажано на прес-конференцијата подоцна не беше и финално потврдено од телата на ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ, ДУИ и другите во владината коалиција кои со свои одлуки точно го потврдија тоа што беше кажано на таа лидерска средба, рече Ковачевски.
Премиерот рече дека и од Европската комисија го поздравуваат почнувањето на процесот за уставни измени во државата и дека за уставните измени нема никакви коментари во однос на содржината на амандманите, бидејќи не задирале во ниту едно идентитетско прашање на македонскиот народ, туку напротив, го зацврстувале мултиетничкиот карактер на државата.
-Со нив за првпат се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и другите народи, вклучително и бугарскиот народ што досега не било направено често пати не по наша волја, туку по волја на нашите соседи, рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку соопштение реагираа дека „Владата на Ковачевски е криминална“, и дека „пораките се дека треба реформи, а не уставни измени, кои и така нема да се случат“. Оттаму велат дека оваа влада на чело со Ковачевски тоне во криминал и не е влада која може да ја носи Македонија во ЕУ.
-Попусти се обидите на Ковачевски да ја замајува јавноста, претседателот на Франција, Макрон, јасно порача дека се потребни реформи, а не празни флоскули. Пораките се дека треба реформи, а не уставни измени, кои и така нема да се случат, зошто ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува. Ковачевски нема капацитет, оваа влада е криминална и корумпирана, потребни се избори. Не може да се издвои ниту една работа во која владата на Ковачевски е успешна, само порази, омаловажувања за народот и полни џебови за луѓето блиски до врвот, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Изминатиот период лидерите на најголемите политички партии во земјава не отстапуваат од своите ставови. Одржувањето на нова лидерска средба не е спорно, но премиерот Ковачевски инсистира на средбата да се разговара за промена на Уставот и внес на Бугарите во Преамбулата, додека Мицкоски е дециден дека лидерска средба е можна, но на маса да биде само одредување на датум за предвремени парламентарни избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека опозицијата е подготвена и за брзи парламентарни избори без техничка влада.
Разногласие има и во двете најголеми институции во Европската унија. Европската комисија порача дека нема конкретна временска рамка за прифаќање нови земји-членки, контрирајќи му на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој пак, најави ново проширување на Унијата до 2030 година. Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, зборуваше за т.н. „Европа во две брзини“, што многумина го протолкуваа како поделба на привилегирани и помалку привилегирани членки на Унијата. Премиерот Ковачевски ја толкуваше ваквата изјава на францускиот претседател и рече дека Макрон зборувал за брзините за зачленување. Ваквите изјави различно ги толкуваат и политичарите во земјава. Според СДСМ, официјалните претставници на ЕУ испратиле силен политички сигнал за ново проширување на Унијата во 2030 година и покажува дека нивниот план за членство е реален и остварлив. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјавите на европските претставници се потврда дека нема никакви гаранции за евроинтеграциите на Македонија, дури и ако земјава ги направи отстапките и го промени Уставот. (В.С.Н.)