Лидерите на членките на ЕУ неделава ќе го поздрават договорот меѓу Србија и Косово постигнат во Охрид

37

Шефовите на држави или влади на Европската унија на претстојниот самит ќе го поздрават договорот што на 18 март во Охрид го постигнаа претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти.

„Европскиот совет го поздравува постигнатиот договор во дијалогот со посредство на ЕУ за анексот за спроведување на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија и ги повикува двете страни да ги спроведат своите обврски експедитивно и со добра волја“, стои во нацрт-заклучоците во кои имало увид Радио Слободна Европа.

Овие заклучоци ќе ги усвојат лидерите на ЕУ на самитот што ќе се одржи на 23 и 24 март во Брисел. Се очекува за време на самитот на шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ да им се обрати и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, кој ќе ги информира лидерите за резултатите од средбата во Охрид.

За ова Борел вчера ги информирал шефовите на дипломатиите на ЕУ, по што на новинарите им објасни дека договорот меѓу Србија и Косово, постигнат на средбата во Охрид, станал правно обврзувачки во моментот кога Европската Унија излезе со соопштение.

„Договорот не беше потпишан од правни причини, но двете страни се согласија дека мојата изјава (по средбата во Охрид) претставува заложба за страните целосно да се посветат на обврските што произлегуваат од овој договор и неговата имплементација“, рече Борел на крајот на министерскиот состанок.