Лидерите на косовската владина коалиција на средба за таксата на увозот од Србија

20

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа, придружуван од партиската потпретседателка и собраниска спикерка Вјоса Османи, замина попладнево на средба со премиерот и претседател на коалицискиот партнер, Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, со кого ќе разговара за идните потези на Владата во врска со таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, пред заминувањето во зградата на Владата, за каде што е закажана средбата, Мустафа во Собранието одржа состанок со пратениците од неговата партија.

Пред да се сретне со Курти, Мустафа пред новинарите изјави дека станува збор за редовни активности меѓу коалициските партнери, на кои се разгледуваат актуелните прашања.

Сепак, забележа лидерот на ЛДК, премиерот требал да се консултира со коалиционите партнери пред неговото вчерашно објавување во јавноста на одлуката за делумно укинување на таксата кон српскиот увоз.

Курти вчера објави дека од 15 март ќе се укине таксата, воведена во ноември 2018 година, на увозот на суровини од Србија и БиХ, а за натамошните мерки ќе се чека реакцијата на официјален Белград.

Доколку Србија го смени односот, односно престане со кампањата против косовската независност, на 1 април таксата целосно ќе се укине за наредните 90 дена, а во меѓувреме ќе се воведува, првин трговски, а потоа и економски и политички реципроцитет кон соседната држава. Доколку, пак, српските власти продолжат со агресивниот однос кон Косово, тогаш од 15 јуни Курти порача дека ќе ја врати состојбата која ја затекна кога ја презеде премиерската функција, на 3 февруари годинава.

Најавата на Курти денеска ја поздрави шефот на дипломатијата на Европската унија Жозеп Борел, како и официјални претставници од неколку држави членки на Унијата. Од друга страна, на делумното укинување на санкциите се спротивстави официјален Вашингтон, кој преку пратеникот на претседателот Доналд Трамп за преговорите Приштина – Белград, амбасадорот Ричард Гренел, порача оти од Курти се очекува целосно и без условувања да ја укине таксата.

Извор:МИА