Лидерите на генерацијата се закитија со „Инженерски прстен: Ќе работам на модернизација на постоечките софтверски системи во нашата земја!

Моите амбиции на долгорочен план се стекнатото искуство и експертското знаење да ги искористам за целосна дигитализација, како и за модернизација на постоечките софтверски системи во нашата земја – вели нашиот соговорник, кој додава дека, можеби, ќе се едуцира во странство, но сака да ја гради својата кариера овде, во Македонија. Тој, заедно со уште 11-мина свои колеги, од вчера е закитен со „Инженерски прстен“, кој го доби од македонскиот претседател Стево Пендаровски, на свечена церемонија, пред платото на претседателската Вила Водно. Признанието, по 19. пат, го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери

287

Кога бил мал, мечтаел да биде научник, а негова омилена игра била решавањето логички проблеми и задачи. Во средношколските денови сфатил што конкретно сака да учи и да работи, а за изборот на факултет се одлучил уште пред да почне четвртата година, кога веќе имал доволно знаење во областа на математиката и програмирањето. Одлуката била лесна, бидејќи уште тогаш бил одличен програмер и знаел дека сака да работи во таа индустрија. Со свидетелствата полни со петки лесно се запишал на ФИНКИ, на насоката Компјутерски науки и инженерство, завршил во рок со највисоки оценки и е прогласен за студент на генерацијата.

Вака накратко изгледа приказната за младиот Андреј Миловановиќ, кој како студент на генерацијата се закити уште и со „Инженерски прстен“, највисокото признание што секоја година го добиваат најуспешните лично од претседателот на државата. Иако пред седум месеци ја доби дипломата, Андреј веќе година и пол работи како дел од тимот на британската софтверска компанија „Ендава“. На прв поглед се чини дека десетките, истражувањето и работата не му дозволуваат многу време за социјален живот, но овој млад човек вели дека има време за сè. Андреј не е фокусиран само на науката, напротив. Тој е сестрано момче кое, освен кариерата, многу вложува и во дружбите со своите врсници, а има време и за хоби. Ја сака музиката и свири на гитара, а неговите блиски знаат дека е одличен мајстор за правење коктели.

Андреј вели дека кога станал бруцош, не размислувал дека по четири години ќе заврши како студент на генерацијата или најдобар меѓу најдобрите.

– Во студентските клупи седнав само со амбиција да научам. Набрзо се запознав со колеги кои ја имаа истата амбиција, што доведе да создадеме здраво ривалство во кое си помагавме и се поттикнувавме едни со други, и тоа го извлече најдоброто од секој од нас. По некоја случајност, од таа неверојатна група луѓе, јас бев оној што успеа да постигне најдобар успех на Факултетот. Сметам дека она што му е потребно на еден студент за да се успее е желбата за учење и стекнување со нови знаења, а десетките потоа сами ќе си дојдат – изјави тој за весникот ВЕЧЕР.

Вели, има многу планови, но открива дека во моментов останува да работи во струката и дека планира да напредува во едукацијата и да се запише на магистерски студии.

– Моите амбиции на долгорочен план се стекнатото искуство и експертското знаење да ги искористам за целосна дигитализација, како и за модернизација на постоечките софтверски системи во нашата земја – вели нашиот соговорник, кој додава дека, можеби, ќе се едуцира во странство, но сака да ја гради својата кариера овде, во Македонија.

Тој, заедно со уште 11-мина свои колеги, од вчера е закитен со „Инженерски прстен“, кој го доби од македонскиот претседател Стево Пендаровски, на свечена церемонија, пред платото на претседателската Вила Водно. Признанието, по 19. пат, го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

 

– Почитувани добитници на „Инженерскиот прстен“, и на денешното доделување повторно сакам да ја изразам мојата надеж дека најголемиот дел од вас ќе продолжат да се надградуваат, да напредуваат и професионално да се реализираат во својата родна земја. За таа цел, треба да ги отвориме научно-образовните институции, државните институции и органи, но, пред сè, стопанските субјекти, за во нив младите инженери да ги реализираат своите знаења и квалитети, и професионално да се надградуваат – рече Пендаровски.

Тој потенцира дека темата за инвестирање во младите инженери, и воопшто во младите, не смее да остане само на ниво на политичка реторика, туку треба да функционира и во пракса.