Лековите да се пијат строго до рокот на употреба, препорака на матичните лекари

Вечна дилема дали да се употребуваат медикаменти со поминат рок

239

Најголем дел од лековите имаат рок на употреба од 12 до 60 месеци од моментот на производството. Ставот на матичните лекари и на фармацевтите е строго да се почитува датумот на кутичето втиснат од самиот производител и само во тој рок да се употребува медикаментот. Фармацевтите предупредуваат лековите што се користат за контрола на висок притисок, задолжително да се фрлат доколку ја променат бојата. На оваа листа се и вакцините и биолошките лекови, кои може да имаат брза промена по истекот на рокот

Високата цена на лековите, а понекогаш и недостигот на одреден лек ги става во дилема пациентите дали да користат лек со поминат рок од еден, два или повеќе месеци. Тие ги прашуваат стручните лица дали е безбедно за нивното здравје. Матичните лекари и фармацевтите велат, строго да се почитува датумот на кутичето втиснат од самиот производител и само во тој рок да се употребува медикаментот. Најголем дел од лековите имаат рок на употреба од 12 до 60 месеци од моментот на производството.

Д-р Савка Марковска-Кузмановска, матичен лекар од Скопје, вели за весникот ВЕЧЕР дека таа на пациентите им вели строго да внимаваат кога земаат лек, тој да биде во предвидениот рок, втиснат на кутичето од фармацевтската компанија.

– Во земјава постои посебна законска регулатива за рок на лекот, кој е пропишан на самото кутиче. Доколку се прими лекот по наведениот датум наведен на кутијата, се намалува неговата доза на ефикасност. На секое кутиче, производителот на лекот го наведува датумот до кога може да се користи тој и до тој датум, ефикасноста на лекот е стоотстотна. Меѓутоа, како што изминува рокот, опаѓа и неговата ефикасност. Се случува да се употребуваат некои лекови и шест месеци по истекот на рокот, но активната компонента е намалена – објаснува за весникот ВЕЧЕР д-р Марковска-Кузмановска.

Употребата на лек со поминат рок не е животно загрозувачка, бидејќи животно загрозувачко е само ако лицето има алергија на активната супстанција на лекот, а таа се јавува и со уреден рок и со поминат рок на лекот.

– Ние, како матични лекари, им препорачуваме на пациентите да го користат лекот само до назначениот рок. Што ако пациентот не види и се напие лек каде што е поминат рокот, да не се плаши нема да има несакан ефект, но дејството на лекот е намалено, односно се намалува самата активна супстанција и таа кај секој лек е различна. Кај некои, по истекот на рокот се намалува за 90 отсто, кај други се забележува од 50 до 70 отсто намалено дејствие – посочи д-р Марковска-Кузмановска.

Во Македонија постои посебен закон по кој фармацевтите мораат да бидат внимателни и навреме да ги повлечат лековите од аптека што се прикрај со рокот.

Законската регулатива вели дека секој производ со рок на траење мора да има на амбалажата истакнат датум за периодот на употреба. Тој датум, всушност, претставува датум до кога производителите гарантираат дејствување и безбедност на производот, конкретно на лекот. Фармацевтите укажуваат дека постојат малку научни докази дека лекот со изминат рок може да биде токсичен и како таков да биде опасен за здравјето.

Тие ги посочуваат примерите со нитроглицеринот и со инсулинот, кои го губат дејството и не треба да се користат по истекот на рокот. Ова важи и за антибиотиците во течна состојба, бидејќи не се стабилни како оние во таблети.

Лековите што се користат за контрола на висок притисок, задолжително треба да се фрлат доколку ја променат бојата. Исто така, лековите што спречуваат создавање крвни згрутчувања или спречуваат одредени напади, не смеат да се консумираат по истекот на рокот на траење. На оваа листа се и вакцините и биолошките лекови, кои може да имаат брза промена по истекот на рокот.

(В.Ма.)